Двојна изведба на безвременската, волшебна балетска бајка „Заспаната убавица“ преточена во музиката на Петар Илич Чајковски, ќе се одржи на 7 и на 8 март со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет (НОБ).
„Диригент на претставите е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко (Украина), асистент-кореограф е Тетјана Белецка од Украина, сценограф и костимограф е Миодраг Табачки од Србија, светло дизајн, Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, соло виолина е Климент Тодороски, а соло виолончело, Кирил Јосифов“, информираат во НОБ.
Во главните улоги на 7 март ќе настапат: Марија Кичевска Шокаровска и гостинот од Бугарија, Емил Јорданов. За првпат во главните улоги на 8 март ќе настапат: Христина Наќевска и Балаж Лочеи од Унгарија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Вечната борба помеѓу доброто и злото, класичната балетска бајка „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски ја воодушевува публиката на најголемите светски сцени повеќе од 100 години. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер“, се додава во соопштението од НОБ.