Тој предупреди дека не смее да се намали поддршката за Украина, спомнувајќи го предизвикот со иднината на поддршката од САД, особено ако поранешниот претседател Доналд Трамп повторно ја преземе функцијата и ги намали средствата за помош на Украина
Претседателот на САД, Џо Бајден, денеска го одржа својот последен говор на дебатната сесија пред светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации. Тој својот говор го отвори со потсетување на конфликтите што беснееја низ светот кога првпат стапил во јавната служба пред повеќе од 50 години, вклучувајќи ја и војната во Виетнам.
Споменувајќи го помирувањето меѓу САД и Виетнам, Бајден рече:
„Работите можат да се подобрат. Никогаш не треба да го заборавиме тоа. Го имам видено тоа во текот на мојата кариера.“
Американскиот претседател се обврза да продолжи да ја поддржува Украина додека не победи во нејзината војна против Русија, нагласувајќи дека од почетокот на војната пред повеќе од две години, НАТО-сојузниците и партнерите, заедно со 50 плус нации, застанаа против Русија.
Тој предупреди дека не смее да се намали поддршката за Украина, спомнувајќи го предизвикот со иднината на поддршката од САД, особено ако поранешниот претседател Доналд Трамп повторно ја преземе функцијата и ги намали средствата за помош на Украина.
Светот е на уште една „пресвртна точка“, рече тој, додавајќи дека изборите што ги правиме денес „ќе ја одредат нашата иднина во децениите што доаѓаат“.
Бајден изрази загриженост и за убивањето невини цивили од двете страни во конфликтот меѓу Израел и Газа. Тој истакна дека стотици цивили биле убиени за време на нападот на Хамас врз Израел и дека илјадници невини луѓе биле убиени и во Газа, вклучувајќи хуманитарни работници.
Во својот говор, Бајден нагласи и дека неговата администрација презема чекори за борба против климатските промени, гладот и за искористување на технологијата, вклучително и вештачката интелигенција. Тој предупреди дека вештачката интелигенција носи длабоки ризици, вклучувајќи дезинформации и биолошки оружја.
Во завршниот дел од неговиот последен говор пред Генералното собрание, Бајден се осврна на својата одлука да се откаже од кампањата за реизбор.
„Да се биде претседател беше најголема чест во мојот живот. Има уште многу нешта што сакам да ги завршам. Но, колку и да ја сакам мојата работа, повеќе ја сакам мојата земја. Решив дека по 50 години јавна служба, време е новата генерација на лидери да ја одведе мојата нација напред“,
истакна претседателот на САД.
Тој ги повика светските лидери да ги стават своите народи над сопствените амбиции.
„Мои колеги лидери, никогаш да не заборавиме дека некои работи се поважни од останувањето на власт. Вашиот народ е она што е најважно. Никогаш да не заборавиме, тука сме за да му служиме на народот, а не обратно. Бидејќи иднината ќе биде освојувана од оние кои ќе го отклучат целиот потенцијал на својот народ да дише слободно, да мисли слободно, да иновира, да се едуцира, да живее и да љуби отворено без страв. Тоа е душата на демократијата“,
рече Бајден.