Бајден: Победата на Трамп ќе биде вистинска опасност за безбедноста на Америка

Бајден се повлече од претседателската трка и ѝ отстапи место на неговата потпретседателка Камала Харис

Американскиот претседател Џо Бајден, во интервју објавено вчера, изјави дека победата на неговиот претходник во Белата куќа, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, на изборите на 5 ноември ќе биде „вистинска опасност за безбедноста на Америка“.

„Слушајте ме добро. Ако победи на овие избори, гледајте што ќе се случи. Тоа е опасно. Тој е вистинска опасност за безбедноста на Америка“,

изјави Бајден во интервјуто за Си-би-ес.

Бајден се повлече од претседателската трка и ѝ отстапи место на неговата потпретседателка Камала Харис.

„Ние сме на пресвртница. Навистина, и демократијата е клучен елемент“,

додаде тој во интервјуто снимено пред неколку дена во Белата куќа.

На ова интервју тој изгледаше подобро отколку на дебатата со Трамп на 27 јуни на Си-ен-ен.

„За време на таа дебата имав реално лош ден бидејќи бев болен, но немам сериозни проблеми по здравјето“,

му изјави Бајден на новинарот на Си-би-ес.

Три недели по неговиот катастрофален настап во дебатата, Бајден на 21 јули објави дека се повлекува од изборната трка.

Белата куќа соопшти дека Бајден ќе го отслужи својот мандат до крајот, и покрај повиците на некои републиканци во Конгресот тој да се повлече.

- Реклама -