Бајден и Нетанјаху разговараа за начините за постигнување на примирје помеѓу Израел и Хамас

На разговорот се приклучи и актуелната потпретседателка Камала Харис, која се очекува да биде номинирана како кандидат за претседател на Демократската партија

Само еден ден по посетата на државниот секретар Ентони Блинкен на Блискиот Исток, американскиот претседател Џо Бајден телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Во фокусот на разговорите како што информираат од Белата куќа биле начините на кои може да се постигне напредок во врска со примирјето помеѓу двете завојувани страни – Израел и Хамас во Појасот Газа, како и за договорот за ослободување на израелските заложници кои беа киднапирани од милитантската група во октомври минатата година.

„Претседателот Бајден разговараше со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за да го разгледаат договорот за примирје и ослободување на заложниците, како и дипломатските напори за намалување на регионалните тензии“,

велат од Белата куќа.

На разговорот се приклучила и потпретседателката Камала Харис, која наскоро се очекува да ја прифати номинацијата на Демократската партија за кандидат за претседател на следните избори.

Откако ги посети Израел и клучните посредници помеѓу двете завојувани страни, вчера, Блинкен од Доха порача дека времето е од суштинско значење кога станува збор за постигнување на примирје и апелираше до претставниците на Хамас да го прифатат планот предложен од американската администрација.

„Со секој поминат ден може да им се случат повеќе лоши работи на добри луѓе кои не го заслужуваат тоа. Ова мора да се реши и тоа во следните неколку дена, и ние ќе направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа“,

кажа Блинкен.

Планот на САД кој беше презентиран минатата недела наиде на одобрување од страна на Израел, но Хамас ги обвини Американците дека се обидуваат да купат време за Израел оти во договорот за прекин на огнот не биле опфатени клучните точки за кои се залага исламското милитантно движење или, поконкретно, израелскиот премиер Нетанјаху инсистирал Израел да ја задржи контролата на два коридора во Појасот Газа.

Американскиот државен секретар потврди дека разлики помеѓу Израел и Хамас има, но ги повика двете страни да бидат максимално флексибилни со своите ставови оти, како што кажа, постои ризик од поголема регионална ескалација доколку крвопролевањето не се запре.

- Реклама -