Бајден, Харис и Трамп заедно во Њујорк на одбележувањето на годишнината од нападите на 11 септември

Како што пренесуваат медиумите, Бајден и Трамп се ракувале, додека во ракувањето меѓу Харис и нејзиниот противкандидат во претседателската трака „посредувал“ поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг

Неколку часа по нивното прво телевизиско соочување во рамките на кампањата за претседателските избори во САД, кандидатката на демократите, Камала Харис и нејзиниот републикански противкандидат, Доналд Трамп застанаа заедно со актуелниот американски претседател, Џо Бајден да им оддадат почит на жртвите од терористичките напади што се случија на 11 септември 2001 година.  

(Од лево кон десно) Лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер; претседателската кандидатка на демократите и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис; претседателот на САД, Џо Бајден; поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг и републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп на комеморацијата во Њујорк / Фото: EPA-EFE/SARAH YENESEL

Комеморацијата како и секоја година се одржа во Њујорк на местото каде пред 23 години два од киднапираните авиони удрија во Светскиот трговски центар, по што двете висококатници кои беа познати како „кулите близначки“ колабираа во урнатини.  

Одбележувањето на годишнината од нападите, годинава, впрочем како и на секои четири години од настанот, се одржува додека во САД во полн ек е кампањата за претседателските избори, пренесуваат светските медиуми.

Трамп и неговиот кандидат за потпретседателската функција Џ.Д. Венс на комеморацијата во Њујорк пристигнале околу 8 часот наутро, според локално време. Неговата противкандидатка пристигнала половина час подоцна, пречекана од дел од насобраните луѓе со извици „Камала“.  

Како што пренесуваат медиумите, Бајден и Трамп се ракувале, додека во ракувањето меѓу Харис и експретседателот и нејзин противкандидат, посредувал поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг.  

Ривалите на претседателските избори на комеморацијата, како што може да се види од фотографиите и видеата, стојат на кратко растојание еден од друг, а меѓу нив се претседателот Бајден и Блумберг.  

Инаку, како што наведува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), со години политичарите се само обични набљудувачи на комеморациите кај Светскиот трговски центар во Њујорк, додека микрофоните им припаѓаат на роднините кои на глас ги читаат имињата на жртвите во нападот.  

Бајден, за кого ова е последна комеморација на 11 септември во неговиот претседателски мандат, заедно со Харис ќе присуствува и на комеморациите во Пенсилванија и во Пентагон, местата каде што се урнаа патничките авиони откако терористи на Ал Каеда ја презедоа контролата врз нив на 11 септември 2001 година. 

Кандидатот на републиканците, Трамп исто така ќе присуствува на комеморацијата во близина на Шанксвил, Пенсилванија каде се урна еден од киднапираните авиони за кој подоцна во истрагата беше утврдено дека бил на пат кон Вашингтон.  

Во нападите на 11 септември загинаа 2 977 луѓе.  

Од одбележувањето на 23-годишнината од терористичките напади на 11 септември / Фото: EPA-EFE/SARAH YENESEL

Еден од киднапираните авиони предизвика оштетувања на Пентагон, седиштето на американското Министерство за одбрана, а два терористите урнаа во „кулите близначки“ во Њујорк, кои во тоа време беа едни од највисоките згради во светот и еден од симболите на градот.  

Катастрофалните напади ја сменија американската надворешна политика, домашната безбедносна практика и менталитетот на многу Американци кои дотогаш не веруваа дека можат да бидат цел на напади од странски екстремисти, посочува РСЕ.   

- Реклама -