Бајден: Блиску сме до договор за примирје во Газа како никогаш претходно, но разговорите продолжуваат

„Не сакам да расипам ништо… можеби имаме нешто. Но, сè уште не сме целосно сигурни“, изјави денеска американскиот претседател во Белата куќа по последната рунда преговори за прекин на огнот во Газа 

Вашингтон претставил нов предлог за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа, кој треба да ги премости разликите на завојуваните страни во врска со делови од договорот за примирје кој веќе е на маса и да овозможи негова брза имплементација. 

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден / Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS / POOL

Ова денеска во заедничка изјава го соопштија Соединетите Американски Држави, Катар и Египет кои посредуваат во преговорите за ставање крај на крвопролевањето во Појасот Газа, пренесуваат светските медиуми.  

Преговорите кои почнаа вчера, а се одржуваат во главниот град на Катар, Доха, денеска беа прекинати и, како што е соопштено, треба да продолжат следната недела. 

„Денеска во Доха, САД со поддршка од Египет и Катар, им претставија на двете страни предлог за премостување кој е во согласност со принципите поставени од претседателот Џо Бајден на 31 мај 2024 година и со резолуцијата бр. 2735 на Советот за безбедност. Овој предлог се надоврзува на областите на договор од изминатата недела и ги премостува преостанатите празнини на начин што овозможува брзо спроведување на договорот“,

се вели во соопштението. 

Работните тимови, како што се додава, во следните денови ќе продолжат со техничките делови од работата, а кои се однесуваат на утврдување на деталите за имплементација и аранжманите за спроведување на хуманитарните одредби од договорот, како на делот кој се однесува на заложниците и притворениците. 

Американскиот претседател, Џо Бајден денеска пред новинарите во Белата куќа изјави дека „сме поблиску од кога било“ до прекин на огнот во Газа, но договорот сè уште не е финализиран.   

„Не сакам да расипам ништо… можеби имаме нешто. Но, сè уште не сме целосно сигурни“,

изјави Бајден.  

Израелски официјален претставник изјави дека неговата делегација денеска се враќа од Доха, а во понеделник се очекува премиерот на земјата Бенјамин Нетанјаху да се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. 

Последната рунда од повеќемесечните преговори за ставање крај на војната во Газа, Израел и државите посреднички ја почнаа вчера, додека палестинската милитантна група Хамас не беше директно вклучена во разговорите со свои претставници, но е информирана за нивниот тек и напредокот.

Во првичната реакција од Хамас, висок функционер на екстремистичката група за Ројтерс изјави дека она за што биле информирани во врска со резултатите од разговорите во Доха не е во согласност со последниот предлог што групата го дала на почетокот на јули. 

Меѓу точките кои се камен на сопнување е инсистирањето на Израел дека мирот во Газа е можен само доколку Хамас биде уништен. Од друга страна, палестинската милитантна група е на став дека ќе прифати само постојан, а не привремен прекин на огнот, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).  

Тешкотии во преговорите има и во делот околу бројот и идентитетот на палестинските затвореници што треба да бидат ослободени во замена за израелските заложници што ги држи Хамас, потоа околу контролата на границата меѓу Газа и Египет и слободното движење на Палестинците во Газа. 

Палестинци ги проверуваат разурнатите згради по воздушен напад на израелските сили на 6 август / Фото: EPA-EFE/MOHAMMED SABER

За потсетување, војната меѓу Израел и Хамас почна на 7 октомври лани, кога припадници на палестинската милитантна група извршија напад на југот на Израел убивајќи околу 1 200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници. 

Според здравствени власти во Газа, кои се под контрола на Хамас во израелската воена кампања во Појасот досега се убиени повеќе од 40 000 Палестинци, главно цивили, додека од друга страна Израел тврди дека неговата војска успеала да елиминира 17 000 борци на Хамас.  

Инаку, новата рунда преговори за прекин на огнот во Газа се одвива во услови на загриженост од нова ескалација на тензиите во региоинот, откако Иран се закани со одмазнички напад врз Израел по убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије на 31 јули во Техеран.  

- Реклама -