Српскиот рокер Бајага ќе одржи концерт во Скопје по повод јубилејот од 30 години на Авалон продукција. На денешната прес конференција Бобан Милошевски, првиот човек на Авалон, истакна дека овој јубилеј не може да помине без Бајага затоа што нивните патишта постојано се испреплетуваат.
„Ако треба да бирам меѓу Coldplay на Стадион и Бајага во Јане Сандански, секогаш мојот избор ќе биде Бајага“, истакна Бобан на денешната пресконференција, истакнувајќи ја неговата приврзаност кон Бајага.
„Се случувало во времето на Југославија да имаме и до 100 настапи годишно. Додека бев во ‘Рибља чорба’ патувавме со едно мало комбе, Бора Ѓорѓевиќ седеше напред, а ние тројца на една клупа позади. Сега си дозволивме малку поголем комфор. Во јули годинава го регистрирав новото комбе, а веќе имаме поминато 12.000 километри. Сега веќе ги нема големите турнеи како порано во Југославија, но јас сѐ уште не можам да заспијам по 2-3 часа по секој концерт од адреналин“, рече Бајага на денешната прес-конференција во Скопје.
Сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, кажа дека продукцијата ќе го слави јубилејот цел декември, а концертот на Бајага од емотивни причини е во салата „Јане Сандански“.
Бајага рече дека сега има нови членови во бендот, нова ритам секција од млади музичари, за кои вели дека одлично звучат. Го искоментира новото време на социјалните мрежи, за кои рече дека ги нема и не го интересираат.
„Има некои млади деца во публика, знаат да снимаат релиси цел концерт. Се случи еднаш да ги замолам да ги остават телефоните и да уживаат малку во концертот. Ме послушаа и по три минути повторно продолжија да снимаат. А, на концерт во Загреб, повозрасните од публиката снимаа, а младите ги пребаруваа текстовите на старите песни кои не ги знаат, за да можат да пеат. Има неколку мои лажни профили на Фејсбук. Еден возразен човек, доктор, во една прилика ми пријде и ми кажа дека сме биле пријатели на Фејсбук. Се зачудив“, рече Бајага.
Тој информираше дека следната година бендот ќе одбележува 40 години постоење. По тој повод, за следната година најави повеќе концерти во целиот регион.
„Ние следната година одбележуваме 40 години постоење на нашиот бенд, поточно на крајот на месец април. Тоа значи дека почнувајќи од април целата година ќе ни биде славеничка година. Ќе одржиме повеќе концерти во целиот регион, а еден од нив е и концертот на Белградскиот хиподром, место на кое што до сега не сум настапувал“, рече Бајага.
Тој додаде дека во тек се подготовките за концертот во Скопје. Како што рече, ова ќе е нивниот прв концерт во декември, а потоа им следува настап во Љубљана. За Нова Година ќе настапат во Тузла.
Истакна дека му е многу жал за актерот Жарко Лаушевиќ, кој почина на 15 ноември. Лаушевиќ глуми во спотот за неговата песна „Монтенегро“ и Бајагиќ кажа оти е штета што тој имал тажна судбина.