Британската академија за филм (БАФТА) од следната година ќе воведе нова категорија и тоа за најдобар филм за деца и семеен филм. Новата категорија ќе ги слави најдобрите филмови кои се наменети за меѓугенерациска публика и кои претставуваат суштински креативни придонеси на детскиот медиумски сектор, пишува во соопштението на БАФТА.
Ова е првпат во пет години БАФТА да воведе нова категорија и таа ќе стартува на февруари 2025 година.
До минатата година БАФТА ги доделуваше Детските награди во рамки на Британската академија, по што најави дека ќе ги вклучи во годишното доделување.
Во моментов, останатите големи филмски манифестации кои доделуваат награди немаат одредено категорија за деца и семејни филмови. Академските награди, познати како Оскари и Холивудските Златни глобуси имаат категорија за анимиран филм, во која вообичаено победува „филм за деца“, но нема поставено услови за оценување. Според „Гардијан“, Оскарите насоро ќе најават посебна категорија за филмови за деца.
Од трите големи европски филмски фестивали – Кан, Венеција и Берлин, само Кан има секција посветена за киното за деца. Европската филмска академија пак воведе награда за млада публика во 2012 година каде три европски филмови се прикажуваат на деца од цела Европа кои се на возраст од 12 до 14 години. Најсеопфатните филмски награди за филмови за деца се организирани од Европската асоцијација за филм за деца.