Азески и Мицкоски се за дијалог со синдикатите за недела повторно да биде работен ден

Премиерот Мицкоски, пак, не даде конкретен одговор кој е неговиот став по однос на барањето на Стопанската комора за разгледување на Законот за недела – неработен ден, но рече дека стои на располагање за дијалог со синдикатите

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, останува на ставот дека треба да се разгледа Законот за недела – неработен ден. Според него, треба да се разговара со синдикалните организации, а во јавност да се излезе кога ќе се постигне некаков договор.

„Јас ќе останам на тие принципи и нема повеќе да коментирам. Очекувам дека ќе имам добра соработка со Сојузот на синдикатите и со сите синдикални организации. Сакам да повторам за тие што не знаат дека стопанските комори се претставници на фирмите, таа ги претставува фирмите и таму има и работници и работодавачи, ние ниту сме биле спротивставени со работниците ниту ќе бидеме, затоа што без нив не можеме да функционираме. Посебно има Организација на работодавачите, а посебно синдикат за фирмите. Ние ги застапуваме фирмите. Така што на Македонија ѝ треба дијалог и ќе бидеме спремни за тоа“,

изјави Азески одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, по настанот на кој се одбележаа 102 години од постоењето на Стопанската комора.

Премиерот Мицкоски, пак, не даде конкретен одговор кој е неговиот став по однос на барањето на Стопанската комора за разгледување на Законот за недела – неработен ден, но рече дека стои на располагање за дијалог со синдикатите.

„За дијалог со Синдикатот стоиме на располагање, ќе разговараме со синдикалните организации, но мора да водиме сметка за иднината на државата, тоа е она што е многу важно. Ако немаме здрава економија ќе немаме ни вработени. Мора низ дијалог, заедно да седнеме и да направиме еден систем што ќе функционира и во иднина“,

рече Мицкоски.

Тој се осврна и на планот на Владата да го помогне стопанството со 250 милиони евра од кредит. Премиерот кажа дека компаниите што ќе ги исполнат условите ќе добијат пари од кредитот и нагласи дека не може бизнисите да се делат според тоа дали имаат или немаат синдикални организации.

„Парите ќе бидат дадени на бизнисот. Ние не може да делиме дали ќе бидат корисници тие што имаат или не синдикални организации. Тие што ќе ги исполнат условите тие ќе ги користат овие поволности. Не се само овие 250 милиони евра. Има една кредитна линија што е на располагање која долго време не се користи, тоа се уште дополнителни стотина милиони евра од Европската инвестициска банка и како Влада ја разгледуваме можноста да Владата ја плати каматата да може бизнисот да го користи кредитот. Тоа се 350 милиони евра и ценам дека оваа помош барем со уште 350 милиони евра дополнително што ќе дојдат од бизнисот ќе заокружи една инвестициска активност од 700 милиони евра што ќе влијае врз бруто-домашниот производ, на пазарот на трудот, ќе отвори нови работни места“,

посочи премиерот.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вчера најостро се спротивстави на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија да се разгледува Законот за недела – неработен ден.

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, изјави дека Сојузот на синдикати на Македонија по пат на протести и штрајкови и преку социјален дијалог со Организацијата на работодавачи на Македонија и Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 80 отсто од работниците, со право на додаток на плата за работниците кои работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине.

„Најостро се спротивставуваме на ваквите несериозни барања, а доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време работници ќе нема, а газдите сами ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат“,

изјавија од ССМ.

- Реклама -