Австриската војска наскоро нема да биде во состојба да може да ги исполнува своите основни задачи, предупредува шефот на Генералштабот – Роберт Бригер. Според него, драматичната ситуација е последица на недостатокот од пари и финансирање.
Предупредувањето од Бригер следува откако нешто порано австрискиот претседател Александер ван дер Белен во интерна анализа укажа дека војската веќе не е во состојба да ги исполнува своите задачи наложени со Уставот на Австрија. Тој истакна дека постои огромен јаз помеѓу уставните задачи, состојбата на буџетот и реалната ситуација во Армијата.
„Во последните две децении војската драматично се оддалечи од способноста самостојно да ја брани земјата. Наскоро војската нема да може да ги извршува воените задачи, поради застареност на речиси сите системи на оружување“, се наведува во документот. Постојаните штедења доведоа до безбедносни закани, се наведува понатаму, а војската за првпат од своето основање е на крстопат по прашањето дали ќе може да ги извршува основните задачи на вооружените сили на Австрија.
Поради таквата ситуација, Генералштабот бара зголемување на буџетот за Армијата од актуелните 2.2 на 3.3 милијарди евра до 2022 година, но и потоа – на најмалку 1% од австрискиот БДП, односно на повеќе од 4 милијарди евра, со цел да се покрие „она најпотребното“. За сеопфатна одбрана, велат од ГШ, потребни ќе бидат 2% од австрискиот БДП. Во спротивно, предупредува Бригер, доколку буџетот на војската остане непроменет, во иднина австриските воени сили ќе се сведат на ништо повеќе од само „услуги на асистенција“ при разни непогоди. Војската, која значително е ослабена во изминативе 15 години, ќе ја изгуби својата способност за делување во сите свои сегменти, како во одбраната на воздушниот простор, така и по прашање на опремата.
Бригер потсетува дека од 2004-та се „заштедени“ 41% авиони, 62% тешко вооружување, 61% оклопни возила, 56% камиони и 49% патнички возила. Персоналот е намален за 16%, а мобилните сили дури за 50%. Годишниот број на регрути е намален за 47%.
Драматична е состојбата и по прашањето на инфраструктурата, предупредува Генералштабот. На 65% од објектите им е потребна поголема реконструкција, на 25% им е потребна помала интервенција, а само 10% се во нова состојба.
За потсетување, Австрија не е во НАТО. Дали тоа има или нема удел во ваквата состојба на австриската војска, оставаме на експертите.