Австријците изгласаа дека нема потреба виенското метро да мириса на зелен чај, грејпфрут или диња

Корисниците на метро транспортот во Виена одлучија дека не сакаат да патуваат во парфимирани возови.

Виенското метро тестираше четири ароми во вентилациските системи на возовите, со цел да го подобри квалитетот на воздухот во нив – во две од пет линии, виенското метро користеше ароми на зелен чај, грејпфрут, сандал (од сандалово дрво) и диња.

Патниците потоа го оценуваа новитетот и ги одбираа омилените ароми гласајќи преку интернет, а денеска властите ги соопштија резултатите: 16.000 луѓе ја поддржале иницијативата, но дури 21.000 луѓе одлучиле дека не сакаат ароматизирани возови.

Возовите од виенското метро во текот на летните месеци константно се разладуваат, а токму преку разладните уреди се тестираа и четирите ароми. Сепак, очигледно, граѓаните на Виена немаат проблем со „природниот“ мирис на вагоните, особено откако во јануари железницата забрани да се јаде во нив. Таа мерка вродува со плод, се наведува во соопштението од железничката управа.

„Сакам да се осигурам дека на патниците им е удобно во јавниот транспорт“, рече Ули Сима – советничка за животна средина во Виена, кога ја најави мерката. Виенскиот јавен транспорт го користат околу 2.6 милион луѓе дневно, а е познат по својата ефикасност, но и поволна цена. Речиси половина од населението од вкупно 1.9 милиони жители на Виена користат годишна карта од 365 евра. Истата беше воведена во 2012-та и им овозможува на граѓаните да користат јавен транспорт во главниот град на Австрија за само 1 евро на ден. Бројот на жители што поседуваат годишна карта го надминува бројот на жители што поседуваат автомобил.

 

- Реклама -