Многумина го нарекоа овој случај победа на атеизмот. Нико Алм, жител на Виена, пред две години отишил да се слика за нова возачка дозвола носејќи цедалка за шпагети на главата – како религиски симбол. По многуте проблеми, вчера тој најпосле ја доби својата дозвола.
Нико Алм, вознемирен од фактот што на жените Муслиманки им се дозволува да се фотографираат за официјални исправи со религиски симболи на главата, решил да ја брани својата „религија“, Пастафаријанизмот (вербата во Летечкото чудовиште од шпагети – чие непостоење не може да биде докажано, како што е случајот со сите други богови), со тоа што ќе отиде да се слика за својата возачка дозвола со цедалка за шпагети на главата.
Службеникот што го фотографирал пред две години немал никаква забелешка за неговиот „религиски“ симбол, но службеникот што ги обработувал исправите го повикал на разговор и му соопштил дека со соочуваат со потенцијално прекршување на правилата за фотографии за официјални документи. Нико не сакал да попушти, па дури бил испратен на психијатар, за да биде докажано дека е ментално нестабилен и да му биде одземено правото на возење. Психијатарот заклучил дека се работи за психички стабилна личност и дека не постои никаква причина зошто тој не би требало да вози.
На крајот, службениците сфатиле дека немаат никаква основа да му забранат да ја искористи таа фотографија на документот, но решиле да му се одмаздат, па така не го известиле дека возачката дозвола е готова и дека може да ја подигне. Друг службеник случајно ја пронашол и по 21 месец чекање, Нико Алм најпосле ја доби својата возачка дозвола. [Sieve licence photo gets all-clear]