Освен што се наоѓа на 3000 метри надморска височина на Хималаите, пистата на аеродромот во Лукла, Непал, е дополнителна тешкотија за пилотите, бидејќи е кратка и завршува со – провалија! Ова го прави еден од најопасните и дефинитивно најстрашните аеродроми во светот.
Лукла е портата кон Хималаите, па и покрај тоа што има репутација на екстремно опасен, тој е еден од најпрометните аеродроми во Непал. Пред да го започнат качувањето, алпинистите мораат да слетаат тука, па овде секојдневно слетуваат мали авиони и хеликоптери. Кога дополнително ќе се земат во предвид тешките временски услови што владеат таму, не е ни чудно што за алпинистите, слетувањето е многу пострашно од самото искачување на Монт Еверест. Дури и во најдобрите денови, аеродромот овозможува полетување и слетување само во краток период од неколку часа, пред да падне маглата и да почне силниот ветер. Дури и тогаш, минимална грешка во калкулацијата може да значи дека авионот ќе заврши во страната на планината или во еден од објектите на аеродромот. Исто така и кај полетувањето – неуспехот да се развие доволна брзина за полетување е гаранција дека авионот ќе заврши во ендекот на крајот на пистата.
„Изрезбан“ на страна на планината, екстремниот аеродром бил изграден од Сер Едмунд Хилари во 1965-тата, 12 години откако тој станал првиот човек што го освоил Монт Еверест. Благодарение на него, денешните планинари стигнуваат од Катманду за само неколку часа, наместо 24-часовен пат со автобус и дополнителни 5 часа качување.
Сепак, на Лукла нема да видите ниту Боинг, а ниту Ербас. Нерамната асфалтна писта е само 20 метри широка и може да користи само за помали летала. Исто така, успонот на пистата изнесува 12%, што ја прави една од најстрмните писти во светот. Авионите мораат да ја заобиколат планината и да слетаат од пониската страна, со цел навремено да закочат и да ги избегнат гореспоменатите последици. Со иста цел, дополнително, пилотите ги гасат моторите уште пред да слетаат. Навигацијата се одвива само од око, а пилотите секојдневно се борат и калкулираат со густите облаци и силниот ветер.
Јасно, до сега се случиле неколку несреќи на Лукла, но ни близу до очекуваното. Во 1973 и 1991, се срушиле два авиона на Royal Nepal Airlines. Во 2004-тата, авион на Yeti Airlines се срушил при слетувањето, а загинале сите 3 члена на екипажот. Најголемата несреќа се случила во Октомври, 2008-ма, кога уште еден авион на Yeti Airlines се урнал поради густата магла – несреќа во која загинале 18 патници.