Авантурите на Американецот што учи македонски: „Зет за сестра?“

Мозес од САД, на YouTube познат како laoshu505000, сака да учи јазици. Толку многу сака да учи јазици што на ред му дошол и македонски. Друга причина, некаква конкретна врска со Македонија, не постои. Навистина. Само еден Американец кој решил да учи македонски, туку така.

Како и да е, на 1-ви јануари, Мозес сподели видео во кое го демонстрира своето владеење на јазикот после 8-неделен „тренинг“. Учи сам, додуша има пријател од Скопје по име Алекс, кој откако наишол на неговиот „македонски проект“ на YouTube, се понудил да му помага преку Скајп.

Резултатот е ова:

https://www.youtube.com/watch?v=2JMA_Ilwa4E&t=61s

Во друго видео, Мозес се обидува да прочита македонски брзозборки.

Вели дека македонскиот не е тежок за учење и дека многу ужива. Од друга страна е свесен дека му треба многу тренинг, „особено со луѓе кои течно зборуваат македонски“. И да, Мозес работи на случајот. Меѓу другото, бара локации низ неговиот роден град Охајо, каде обично се движат Македонци. Па неколку и нашол. Заедничкото за сите е: 1) Не им се верува дека Мозес зборува македонски 2) Обавезно има смешни моменти. На пример, еден разговор оди вака:

Мозес: Како се викаш?
Миле: Миле.
Мозес (пробува да си го преведе името на македонски): Викам Мојзес.
Миле: Ваш зет?
Мозес (клима со глава): Мој зес.
Миле: Зет за сестра?
Мозес: Сестра?

Во следново видео, пак, застанува на паркинг заедно со другар му од Гана. Човекот што седи во колата до нив – Македонец. Штом му се обратат, се слуша како нашиов ги заклучува вратите. Сеедно, тера разговор, ама првото прашање му е: „Играш ли кошарка?“. Ех, таа македонска љубов кон стереотипите…

После го сретнува Кочо (и син му). На Кочо не му се верува дека Мозес е роден во Америка, а така зборува македонски. Син му на Кочо – такуѓере.

Освен што сакавме да го пофалиме Мозес и да им се посмееме на нашиве, се надеваме и дека со овој текст ќе му помогнеме да најде повеќе помошници како Алекс.

- Реклама -