Немам завршено основно училиште, но учевме дома на турски јазик со татко ми. Со него бевме особено блиски. И со мајка ми, ама со татко ми повеќе, вели Атиџе
Во живо е уште помедена. Атиџе Муратова е топла како тазе извадено бабино лепче, мудра каква што само луѓето што се во допир со природата можат да бидат. Атиџе ги сака луѓето, срдечна е, непосредна, забележува детали и е отворена да зборува за себе. Со неа се сретнавме пред десетина дена. Вели дека воопшто не ѝ пречи што новинарите ја бараат и дека ѝ годи вниманието. Таа е веќе во Лос Анџелес и утревечер, заедно со членовите на екипата на „Медена земја“, ќе ужива во церемонијата на доделување на „Оскарите“. Македонија првпат е номинирана во две категории за светската награда – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Атиџе Муратова
Ја навративме на периодот кога се запознала со екипата на филмот. Таа признава дека од првиот момент кога екипата на „Медена земја“ пристигнала во нејзиното село Бекирлија, била среќна: „Посакував никогаш да не заврши снимањето на филмот“.
– Љубо, Тамара, Самир, Фејми, тие се појавија во за мене тежок период. Всушност, најтешките моменти ги споделив со екипата. Воопшто не ми беше проблем да ме снимаат со камера. Не ми беше срам да зборувам со нив, ќе бев уште посреќна никогаш да не завршеше снимањето на филмот. Поминавме три години заедно и уште толку да беа, немаше да ми пречат – вели таа.
Атиџе си ја отвори душата со нашите читатели и сподели дека пред девет години имала тешка несреќа, кога соседско куче ја нападнало.
– Девет години ми беа пеколни. Кучето ме нападна и едвај преживеав. Примив 60 инјекции и се онесвестував многу често. Сѐ уште ми се одразува на срцето. Добро е што преживеав. Затоа, кога дојдоа да го снимаат филмот, бев многу среќна. Имаше моменти кога се мислев и да ја напуштам државата, ама не сакав да ја оставам мајка ми. Не беше таа мало дете, па да ја кренеш и да ја носиш некаде. И заедно истеравме докрај. Кога го правевме филмот, стигнував и да снимаме и за мајка ми да се грижам, а и за пчелите – ни признава вредната Атиџе.
Со пчелите почнала да се занимава уште на 12 години, заедно со своите тројца браќа. Вели дека биле сиромаси и не можеле да купуваат храна, па решиле сами да почнат да си одгледуваат пчели. Нејзиниот дедо (таткото на мајка ѝ) одгледувал пчели.
Продолжете на факултети.мк