Атанасовски: Пожарот во селата Цера и Пресека повторно е надвор од контрола, постои реална опасност од ширење

Од рано утрово на терен, покрај екипи на ТППЕ Македонска Каменица, доброволци и локално население од село Цера, во акцијата за гасење на пожарот се вклучени ТППЕ Кочани, ДПД Кочани, ДПД САСИ Македонска Каменица, вработени во ЈП „Национални шуми“ и други екипи

Поради силниот ветер во пладневните часови, пожарот во селата Цера и Пресека повторно е надвор од целосна контрола, информира преку својот фејсбук-профил градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски.

Како што пишува тој, иако вo раните утрински часови пожарникарите од Македонска Каменица и Кочани добиле воздушна поддршка од еден полициски хеликоптер, пожарот сѐ уште е активен.

„Куќите во Јангелковци кои беа загрозени вчера се спасени. Но, поради сѐ позасилениот ветер и непристапниот терен за делување од копно, сега постои реална опасност од ширење на пожарот кон маало Стамболии во село Цера. ТППЕ Кочани наведуваат дека првично биле активни два одделни пожари. Едниот во село Пресека, а другиот во село Цера. Потоа, истите се спојуваат во еден пожар на доста широка територија и огнената стихија досега однела над 150 хектари висококвалитетна борова и дабова шума“,

посочува Атанасовски.

Од рано утрово на терен, покрај екипи на ТППЕ Македонска Каменица, доброволци и локално население од село Цера, во акцијата за гасење на пожарот се вклучени ТППЕ Кочани,  ДПД Кочани, ДПД САСИ Македонска Каменица, вработени во ЈП „Национални шуми“ и други екипи.

Атанасовски потенцира дека во текот на утрешниот ден очекува да се вклучат и доброволци од институциите во Македонска Каменица. 

- Реклама -