Џејмс Џим Ловел е поранешен астронаут што двапати има отидено до Месечината. Eднаш со мисијата Аполо 8 во 1968 година – првата лунарна мисија со екипаж, кога Ловел, Френк Борман и Вилијам Андерс станаа првите луѓе што ја видоа Земјата како цела планета, првите што ја видоа „темната страна“ на Месечината, и првите што беа сведоци на „изгрејземја“ (изгрев на Земјата гледан од Месечината). Вториот пат беше дел од екипажот на Аполо 13 во 1970 година, кога заради експлозија на резервоарот со кислород и низа други проблеми, наместо да слетаат на Месечината според предвиденото, ја обиколија нејзината далечна страна на растојание од 254 километри над површината, со што поставија рекорд актуелен до ден денес – најдалечната точка од Земјата до која има стигнато човештвото (400.171 километар). Ако ништо друго, Џим Ловел го знаете по легендарната „Хјустон, имаме проблем“, а ако ништо друго, сигурно сте го гледале филмот за Аполо 13 (со Том Хенкс во улога на Џим, снимен според книгата на Џим Ловел) и знаете дека успешно се вратија на Земјата.
Некаде во меѓувреме, на едно интервју, го прашаа Џим Ловел (денес 88-годишен) дали има некој посебен момент од мисијата Аполо 8 за кој смета дека требало повеќе да зборува по враќањето. Одговорот треба секој да го прочита.
Но прво, малку бек-стори.
Аполо 8, лансиран на гигантската ракета Saturn V, полета во време што Ловел го нарекува „урнебесно време“ за планетата. „Во тек беше Виетнамската војна. Не беше популарна војна, особено не меѓу младите луѓе… Имаше бунтови, имаше два атентати на истакнати луѓе во тој период, а нештата не изгледаа сјајни за Америка“. А сепак, вели тој, НАСА работеше на своето ветување, дадено од претседателот Џон Ф. Кенеди во 1961 година, дека до крајот на таа декада ќе прати луѓе на Месечината. „И се случи. Во последните неколку недели од 1968-та, ние постигнавме нешто што беше корисно за сите и поддржано од сите во земјата“.
Сепак, според раскажувањето на Ловел, наскоро тој и неговите двајца колеги, сфатиле дека се работи за повеќе од „само обичен“ вселенски лет.
„Сетете се, донесовме слика од Земјата каква што е на оддалеченост од 386.242 километри. И, факт е, тоа ти дава нова перспектива на Земјата – кога ќе ја видиш тридимензионално меѓу Сонцето и Месечината, почнуваш да сфаќаш колку мало и колку значајно е телото“, вели Ловел.
„Кога ќе го доближев палецот до прозорецот, можев комплетно да ја скријам, и тогаш сфатив дека на таа Земја што ја кријам зад палецот има околу 6 милијарди луѓе кои се обидуваат да живеат таму“.
Ловел вели дека овој момент бил момент на засадување на ново семе – „семе што ќе процвета во полн цвет кога ќе се врати на Земјата“.
„Мораш да размислиш за нашето постоење овде во Универзумот. Чешто ги слушаш луѓето како велат, ‘Се надевам дека ќе одам во рајот кога ќе умрам’. Но во реалноста, ако малку размислиш, одиш во рајот кога се раѓаш“.
Со оваа реченица, Ловел алудира на исклучителната ситуација во која се наоѓаме – плутајќи на удобен камен кој лута низ навидум бескрајна празнина во просторот.
„Стигнуваш на планета што има соодветна маса, ја има идеалната гравитација за да одржи вода и атмосфера, најосновните услови за живот. И, стигнуваш на оваа планета што орбитира околу ѕвезда токму на идеалната дистанца – не премногу далеку за да биде премногу студено, и не премногу блиску за да биде премногу жешко – туку токму на идеалната дистанца за да ја апсорбира енергијата на таа ѕвезда, и тогаш, со таа енергија, да направи животот да еволуира токму овде“.
„Во реалноста, знаете, гледано од правец на Месечината, Бог всушност ни дал сцена, сцена на која ние настапуваме. И како таа претстава ќе се одвива останува на нас, претпоставувам“, вели Ловел.
Заробени заедно на космичкава сцена, во време кога светот е поделен, родната земја на Ловел е поделена, ние сме поделени… Има многу што да се научи од овие негови зборови.