Асамоа и Исла се селат во Јувентус

Охрабрени по освојувањето на титулата во Калчо-лигата, челниците на Јувентус продолжуваат со напорна работа за дополнително засилување на играчкиот кадар на „Старата дама“.

Последните информации од Апенинскиот Полуостров говорат дека токму Јувентус е првиот од италијанските гиганти што успеал да ангажира квалитетни засилувања во своите редови, откако новиот првак се договори со Удинезе за да ги доведе во своите редови Квадво Асамоа и Маурицио Исла.

Асамоа импресионираше со својата брзина, но и со борбеноста во дуелите на средината од теренот, со што неговиот ангажман стана еден од приоритетите за Антонио Конте. Што се однесува до Чилеанецот Исла, станува збор за извонреден универзален играч којшто најдобро се снаоѓа како десен бек или десно крило и којшто сигурно ќе внесе дополнителен квалитет во играта на најтрофејниот италијански клуб.

Челниците на Јувентус и на Удинезе постигнале договор Јуве да плати 15 милиони евра за ко-сопственост на двајцата фудбалери, а Удинезе ќе добие на позајмица еден или двајца млади играчи на „старата дама“. По ангажманот на овие две одлични засилувања, сега „Старата дама“ целосно ќе се сврти кон освежување на навалната линија и ќе ги продолжи преговорите за Робин ван Перси, Един Џеко и Гонзало Игуаин.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -