Арсовска треба што побрзо да си даде оставка и да ги спаси скопјани, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Во реакцијата на интервјуто на Арсовска за ТВ Сител од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таа како градоначалник е единствено одговорна за хаосот во Скопје

Данела Арсовска треба што побрзо да си даде оставка и да ги спаси скопјани, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното интервју на скопската градоначалничката, кое од владејачката партија го оценуваат како разочарувачки лошо.  

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: „360 степени“ (Архива)

„Арсовска имаше разочарувачко лошо интервју, во кое се натпреваруваше со дното. Сите други и се виновни, само таа не е. А истата е градоначалник и единствено одговорна за хаосот во Скопје. Данела Арсовска од градоначалник на најголемата локална самоуправа во државата, неуспешно бараше кој град е полош од неа, еве да и ги скратиме маките на Арсовска, полош град и градоначалник од неа нема. Данела Арсовска стана единица мерка за неспособност и криминал“,

се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.  

Единствената работа кој што таа требало да ја работи, велат од партијата, е да го чисти ѓубрето од улиците и да има ефикасен јавен превоз. 

„И овие работи истата не може и е неспособна да ги прави. Арсовска треба што побрзо да си даде оставка и да ги спаси скопјани од маките во кои самата ги втурна“,

порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Арсовска во вечерашното интервју во Дневникот на ТВ Сител, прашана зошто не се повлече од функцијата, кога, како што вели, ѝ се прават опструкции, рече дека ништо не погрешила за да се повлече. Напротив, како што додаде, оставка треба да се бара од советниците во Град Скопје. 

Таа изјави и дека ѝ е многу жал што на средбата во Владата пред два дена, на премиерот Христијан Мицкоски му се чинело дека нема план, бидејќи, како што кажа на состанокот понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија за средување на состојбите во главниот град.    

- Реклама -