Арсовска нема капацитет да реализира капитален проект во Скопје, вели Мицкоски

До него, рече дека стигнуваат информации оти се тргува со средствата што ги има Градот Скопје на сметка, а се префрлени од државата

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска нема капацитет да реализира капитален проект за изградба на булеварот „Хасан Приштина“ иако веќе две години 10 милиони евра се префрлени, а на сметката на Град Скопје нема потрошени ниту фенинг од тие средства. Ова вечерва го рече премиерот Христијан Мицкоски во гостување на ТВ Сител, коментирајќи ја реакцијата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната одлука на Владата дека дел од општините како Струмица, Теарце, Сарај, но и Градот Скопје се одбиени на повикот за финансирање на капитални проекти на Владата.

„Тоа е капитален проект. Треба да е комплетен, а второ треба да се потрошени оние 10 милиони евра што веќе се дадени за реализација на еден таков капитален проект каков што е булеварот ‘Хасан Приштина‘, што не е почнат две години“,

вели тој.

До него, рече дека стигнуваат информации оти се тргува со средствата што ги има Градот Скопје на сметка, а се префрлени од државата.

„Се бараат градежни фирми што тоа ќе го изведуваат, има институции со тоа што се занимаваат. Факт ее дека тој проект не е почнат со рееализација. Кога вие ќе видите дека 10 милиони евра стојат две години, а не е инвестирано, тогаш логично е да го поставите прашањето зошто тие 10 милиони евра не си ги вратиме назад во буџетот и да ги искористиме за нешто што е потребно за граѓаните во некои општини што се попоготвени“,

рече премиерот.

Откако премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека дел од општините како Струмица, Теарце, Сарај, но и Градот Скопје се одбиени на повикот за финансирање на капитални проекти на Владата, од Градот Скопје реагираа дека одлуката да не се доделат средства за проектите за кои е аплицирано уште еднаш ја потврдува секташката ментална состојба на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Во реакцијата се вели дека поднесените проекти од Градот Скопје се со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарна заштита, јавна хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.

Премиерто ги повика градоначалниците на општините кои не успеаја да ги добијат проектите, тоа да го направат со нови проекти со кои можат да аплицираат на продолжениот рок на повикот, кој ќе трае до средината на ноември.

- Реклама -