Арсенал се врати од 4:0, за да победи 5:7 (видео)

Фудбалерите на Арсенал се пласираа во четвртфиналето од англискиот лига куп откако славеа на гостински терен над Ридинг (5:7) во еден од најинтересните натпревари во историјата на ова натпреварување.

Имено, „Топчиите“ по триесетина минути игра се најдоа во негатива од 4:0, по што се чинеше дека избраниците на Арсен Венгер ќе доживеат вистинско фијаско на овој натпревар. Тео Волкот со гол во самиот финиш од првото полувреме ја намали негативата, за Арсенал целосно да притисне во вторите 45 минути.

Ваквиот пристап вроди со плод, па „Топчиите“ со погодоците на Жиру и Кошчелни намалија на 3:4 пред на сцена повторно да стапи Волкот, којшто со погодокот во четвртата минута од судиското продолжение успеа да го израмни резултатот на 4:4.

Арсенал ја искористи психолошката предност и преку Шамак стигна до водство од 4:5 во продолженијата од два пати по 15 минути. Многумина сметаа дека отпорот на домаќините е скршен, но Павел Погребњак со гол во 116. минута ги крена фановите на Ридинг на нозе израмнувајќи го резултатот на 5:5.

И кога сите очекуваа патникот во четвртфиналето од Лига-купот да биде решен со пенал-рулет уште еднаш блесна Волкот, кој во 120. минута налета на една одбиена топка и ја смести во мрежата на домаќините.

Конечните 5:7 беа дело на Шамак, којшто со лоб удар од триесетина метри ги разреши сите дилеми во 123. минута од овој неверојатен натпревар.

- Реклама -