Иако најголема традиција во лондонските пресметки има онаа меѓу Арсенал и Тотенхем, односно дуелот познат и како „Дербито на северен Лондон“, од почетокот на овој век некако во преден план, кога станува збор за централното англиско ривалство, се издвојува дуелот меѓу Арсенал и Челзи.
Токму дуелот на момците од северниот и западниот дел на британската престолнина, клубови чии стадиони се оддалечени 14 километри еден од друг, нѐ очекува денеска од 13:45 часот во рамките на викенд колото во Премиер лигата.
151-то меѓусебно првенствено дерби двата тима го дочекуваат во одлична форма, полни со оптимизам. „Сините“ со четири победи и реми (против КПР) сами на чело на табелата, додека „Топчиите“ осоколени по победата над Ливерпул на Енфилд со 2:0, и ремито со шампионот Манчестер Сити на „Итихад“ (1:1).
На хартија Челзи е фаворит, а на гостите од рака им оди и фактот дека Венгер не може да смета на двајцата најдобри свои голмани па можност ќе добие 24-годишниот Италијанец Вито Маноне.
Првиот дерби дуел на овие противници одигран е 1907 година на „Стемфорд Бриџ“ пред, за тоа време, неверојатни 65.000 навивачи, а завршен е со победа на домашните од 2:1. Од тогаш до денес во изминативе 105 години двата тима ги одмерија силите дури 177 пати, а вкупниот скор е на страна на Арсенал (68-52-57), баш како и односот во премиерлигашките дуели (61-45-44).
„Топчиите“ имаат значително повеќе освоени титули од „Сините“ (13-4), но затоа навивачите на Челзи од неодамна може да се гордеат со европската круна која пак за фудбалерите од „Емиратите“ и натаму е само сон.
Интересно е да се издвои дека последните 15 години, Арсенал и Челзи четири пати ги одмериле силите во септември и сите четири градски дербија се завршени без победник.