Архетипот на машкиот протагонист во филмовите на Хичкок

cropduster

Зошто Хичкок бил толку опседнат со главни ликови кои се погрешно обвинети, а невини?

Хичкок беше водечка фигура во британската филмска индустрија веќе скоро една деценија пред неговите филмови конечно да почнат да привлекуваат сериозно интернационално внимание. Немата филмска драма The Lodger (1927) и Blackmail (1929) беа првите филмови што го вивнаа кон повисоките режисерски ешалони во родната Англија. The 39 Steps (1935), пак, стана голем хит во САД и ја зацементира репутацијата на Хичкок како режисер на итри трилери со брзо темпо.

Неговата компулсивна опседнатост со правење на напнати трилери е тоа што режисерот, во подоцнежните години, ќе го нарече „МекГафин“. Тој термин доаѓа од стара шкотска народна приказна, а за режисерот претставуваше plot device што Хичкок ќе ја опише како „нешто по што шпионите се во потрага“ – т.е. нешто што е од витално значење за карактерите во приказната, но во крајна смисла нерелевантно за целосната приказна. Игнорирајќи ја поентата на акцијата, во The 39 Steps Хичкок се фокусира на акцијата, хуморот и романсата. Во истиот тој филм, Хичкок ќе го развие и она што подоцна ќе стане типичен за него машки протагонист – обичен човек фрлен во вонредни околности.

На оваа тема Хичкок ќе ѝ се навраќа во многу прилики. Ја има и во The Girl Was Young (1938), каде протагонистот е незаслужено осомничен, а ќерката на полицискиот инспектор е вмешана во неговото бегство. Потоа следува Saboteur (1942), во кој Хичкок повторно ќе му се врати на архетипот за погрешно обвинетиот човек. Ова е првиот филм на Хичкок кој се одвива во Америка, а со кулминацијата на Кипот на слободата (една од позапамтените), режисерот покажа дека може да го направи во Америка истото тоа што го направи со The 39 Steps во Англија. Иако овој филм (The 39 Steps) беше првиот на тема „погрешен човек“, првиот филм што ја започна речиси непрекинатата серија од филмови со ваков централен субјект беше The Man Who Knew Too Much (1934), макар што се чинеше како „полабав“ пристап од страна на режисерот. Но Хичкок го поправи впечатокот веќе во следниот филм.

44_01-700x300[1]
Хенри Фонда и Вера Мајлс во The Wrong Man (1956).

Многумина сметаат дека The Wrong Man (1956) (во превод буквално значи „Погрешниот човек“) е најличниот/најинтимниот филм на Хичкок. Од сите негови филмови со „погрешен човек“ како централна тема, овој е најмрачниот, иако најпрепознатлив и најизразена е дефинитивно во North By Northwest, во кој кутриот Кери Грант се обидува да го натрча авионот-запрашувач во житното поле. The Wrong Man е базиран на вистински настан и вистинското искуство на басистот на Stork Club – Кристофер Емануел Балестреро, кој во 1953-тата беше погрешно идентификуван како ограбувач на банка. Приказната е темна – сопругата на Балестреро полудува како резултат на измачувачките сомнежи околу невиноста на нејзиниот сопруг. За разлика од другите филмови на Хичкок, во овој нема драматични сцени со брканици, ниту пак хуморот е достапен на дланка. Напротив, The Wrong Man се стреми кон ниво на длабочина и суштина кон која режисерот ретко посегнувал. Гледајќи го овој филм, не можеш да избегаш од чувството дека темата на The Wrong Man е токму темата за чија цел постојат сите филмови на Хичкок.

Иако многумина нема да се согласат (ќе речат дека најинтимниот филм му е драмата I Confess од 1953 година – заради тоа што Хичкок пораснал во строга католичка традиција, а во филмот се работи за свештеник што ги ислушува исповедите на еден убиец), не е нелогично што е избран токму The Wrong Man, со оглед дека се работи за погрешно обвинет човек во затвор – што пак е тесно поврзано со едно трауматично искуство на Хичкок од детството.

Според историчарот Петар Богданович, опседнатоста на Хичкок со темата за „погрешниот човек“ влече корени од времето кога Хичкок имал 5 години. Татко му сакал да го оддалечи синот од евентуалната идеја да живее криминален живот, па со помош од својот пријател – затворски чувар, го заклучил малиот Алфред во ќелија, заминувајќи и оставајќи го таму на неколку минути. Лекцијата очигледно била научена, и тоа ефективно – Хичкок бил трајно трауматизиран (не мора во негативна смисла) од тоа искуство, па воопшто не е чудна неговата опсесија со неправедно обвинетите протагонисти, каков што бил и малиот Алфред зад решетките.

- Реклама -