Иако човек би помислил дека бројките во насловот повеќе доликуваат да се биланс од некаков оружен напад, не, овие се резултат на тортурата што млади полициски регрути ја доживеале на тренинг во Аргентина.
„Ова што тој ден им го направија на овие момчиња не беше обука. Тие ги малтретирале, удирале, им правеле ужасни нешта. Тоа повеќе личи на приказна од воената диктатура (се мисли на аргентинската, од 1876 до 1983 година)“, вели Роке Гарај, брат на починатиот 19-годишен регрут Емануел Гарај.
Емануел починал во саботата, пет дена откако е примен во болница поради екстремна дехидратација. Четиринаесетте негови колеги се хоспитализирани со слични симптоми.
„И други момци се борат за живот. Брат ми не беше изолиран случај, не се работи за некој што не бил физички подготвен“, вели братот, оценувајќи ги обучувачите како „криминалци“, против кои семејството поднесе и тужба.
Регионалните власти го објаснија случајот: минатиот понеделник младите полицајци имале тежок тренинг на сонце, на температура од 40 и повеќе степени. Притоа забрането им било да пијат вода. Во меѓувреме локалните полициски функционери се суспендирани, а отворена е и истрага. Четворица комесари и четворица полицајци се уапсени под обвинение за убиство и неизвршување на должноста.
Што се однесува до Аргентина, може да се рече дека има богата историја на груб однос кон регрути. Во 1994 година, смртта на младиот војник Омар Караско во касарната предизвика национална драма која доведе до укинување на задолжителниот воен рок.