Во App Store на „Епл“ и Play Store на „Гугл“, меѓу другото, можете да ја најдете и апликацијата Absher.
Според Washington Post, апликацијата е дизајнирана од саудиското министерство за внатрешни работи и им овозможува на мажите во земјата не само да ги следат движењата на нивните женски роднини, туку и да ги ограничат.
Се работи за владин електронски сервис, кој вклучува опции како барања за пасош, извод од раѓање, регистрација на возила и слична документација. Но како што открива Business Insider, апликацијата/сервисот исто така им овозможува на саудиските мажи да специфицираат кога и каде жените можат да ги поминат или да не ги поминат саудиските граници, притоа добивајќи СМС известувања за нивната локација во речиси реално време.
Така, апликацијата може да се користи за ограничување на дестинациите до кои жените можат да патуваат, но и за целосно блокирање на одредени дестинации, особено надвор од границите, при што апликацијата ги известува мажите ако жената сака да замине без нивно знаење и дозвола.
Апликацијата има 11 милиони корисници и само го автоматизира тоа што во Саудиска Арабија веќе е реалност – дека на жените законски им треба машко „старателство“ и дозвола од маж за да одат во училиште, за да работат и за да имаат сметка во банка, за да се мажат, за да патуваат во странство, па и за да излегуваат во јавност. Исто така, во многу ситуации законот наметнува да имаат машка придружба, а имаат и помалку законски права. Во спротивно, можат да бидат уапсени за „непослушност“.
Критичарите тврдат дека апликацијата крши по барем два од условите за користење како на Google Play Store, така и на Apple App Store. Бараат да биде симната од нивните платформи.