Аполон Гилевски – Сонот на жолтата пеперуга

dd-rickshawАполон Гилевски е роден во 1969 год. во Скопје. Завршил општа и компаративна книжевност. Автор е на четири поетски збирки: Излегување од рајот, Зборот нож, Ружата на предметите и Атлантис, како и на бројни прозни, есеистички и новинарски текстови, преводи… Престојувал во повеќе земји од Европа, а во периодот 2000/2001 живеел во Мајами, САД. Освен како новинар, работел и како келнер, работник во фабрика, возач на рикша…


Аполон Гилевски е роден во 1969 год. во Скопје. Завршил општа и компаративна книжевност. Автор е на четири поетски збирки: Излегување од рајот, Зборот нож, Ружата на предметите и Атлантис, како и на бројни прозни, есеистички и новинарски текстови, преводи… Престојувал во повеќе земји од Европа, а во периодот 2000/2001 живеел во Мајами, САД. Освен како новинар, работел и како келнер, работник во фабрика, возач на рикша…

Дејството на неговиот прв роман Сонот на жолтата пеперуга се случува во Мајами, но го опфаќа целиот свет, а на посебен начин, преку реминисценции, асоцијации, контрапунктови, како и мета-историски и мета-политички упади, ги тематизира и современоста и минатото на Македонија… Sex and drugs and rock'n' roll? Да, но и многу повеќе од тоа.

Романот може да се купи во книжарниците на "Матица македонска" за 300 ден.

(извадоци од романот)
ape
Кога светлата се запалија, се упатив кон подивиот дел од плажата, во близина на една шумичка. Одбрав место и се распослав. Под себе го ставив издишаниот душек што претходно, кај Аџи, напумпан, го употребував како кревет, а одозгора се покрив со својата кожна јакна. Температурата ноќе баеги паѓаше: беше декември во рајската градина. Небото беше кристално чисто, ѕвездите трепереа како далечни фенери.

Само што почнав да тонам во сон, кога во близина слушнав звук сличен на дробење на алва во устата: нечии чекори на песокот. Со крајни маки, борејќи се со сонот што ме совладуваше, ја поткренав главата и забележав некое мало човече кое во раката држеше стап што личеше на жезло, долг речиси колку него. Стапот на врвот имаше некакво задебелување, нешто како глава или маска. Човечето ме погледна, промрморе „здраво" и си ги распосла своите пљачки на десетина метри од мене. Го заби „жезлото" во песокот, клекна до него и ги склопи рацете како за молитва, свртен кон океанот. Веројатно и изговараше некоја своја молитва, зашто се слушаше тивко мрморење. Потоа легна и се стопи со песокот, а горе, налик на освоена кота, остана исправено неговото жезло. Како некаков витез, си помислив и потонав во сон.

Утредента сонцето ме разбуди околу осум часот. До ноздрите ми допре освежувачкиот мирис на морето, силен како мирис на бор. Ги отворив очите, небото беше длабокосино и без облаци, освен по рабовите на хоризонтот, каде што облаците беа развлечени во долги памучни ленти и го обрабуваа небото како рамка на слика. Ми текна на човечето од минатата ноќ и се запрашав дали тоа беше сон или привид излезен од некој набор на ноќта. Ја кренав главата – човечето беше вистинско и седеше крснозе покрај своето жезло, пушејќи загледан во морето. Тогаш јасно го видов жезлото: тоа беше убаво изделкан дрвен стап на чиј врв имаше набиено човечки череп, со долга женска коса залепена на него!

…Но почекајте, еве доаѓа најинтересниот примерок на префинето интелектуално налудничаво разбојништво и прекрасно отпадништво. Џон Д. Туна, облечен во црни тесни пантолони, високи панкерски чизми и зелена војничка кошула, стрчи сред толпата на Мајами како… па, како панкер сред Хавајци. Веќе не се сеќавам како се запознавме, тоа беше едно од оние блиц-познанства што се случуваат меѓу сродни души и истомисленици во масата на општоста, иако панкот е само еден дел од моето субкултурно образование. А можеби и оваа негова „униформа" беше само израз на неговото моментално расположение.

Џон Д. Туна не дава пет пари за ништо, освен за тоа да ги спроведе бескомпромисно своите чудни идеи. Во мигот кога го запознав се наоѓаше во бескомпромисна акција на легнување на некоја женска.

– Слушај, човече, мораш постојано да се обидуваш. Не се откажувај, само напред, во сите правци, во секоја околност и на секое пристојно парче месо – ми ги образложува Џон Д. Туна своите „филозофски" погледи во однос на главењето женски. Веднаш ме потсетува на мојот пријател Горан, сликарот, според налудничавите идеи и упорноста во тој поглед, упорност што се граничи со опцијата „со глава во ѕид". Мислам дека тогаш првпат толку силно ја почувствував таа аналогија на карактерите и душите распослани низ светов. Додека талкав со Џон Д. Туна, на мигови, како блесок, се чувствував како да сум со Горан, и покрај тоа што зборувавме на друг јазик. Оттогаш многу често ми се случуваше тоа. Извесни луѓе што ги среќавав и со кои се дружев беа исти, според својата енергија, според гестовите, а најчесто и според изгледот и според својата мисловна матрица, како некои што ги познавав и со кои сум се дружел во Скопје или на кое било место во светот. Едноставно, сите луѓе си имаат двојници, разнообразниот свет во суштина е еден ист, само со различна сценографија и костимографија, додека времето се репетира во бескрајна спирала, налик на куќичка од полжав.

По десет минути пред службениот влез на Маи Каи дојде не само полициско комбе и не само амбулантна кола што јас не ја повикав, туку и пожарникарска кола! Се чинеше како да е пријавен терористички напад. Амбулантата кола, ајде, ќе разберев, но зошто дојде и огромната, црвена пожарникарска кола? Подоцна дознав дека при секаков инцидент овие доаѓаат во пакет – амбуланта, полиција и противпожарна, веројатно раководејќи се од логиката: кај што има искри, има и оган. Во меѓувреме јас малку се средив и излегов надвор. Глетката беше толку фантастична што за миг заборавив на случката што и претходеше. Стоев стаписано во синиот самрак и одушевено ја слушав и ја гледав неверојатната какофонија од сирени и ротирачки светла: црвени, сини, жолти, портокалови…, што на настанот му даваа тежина што далеку го надминуваше неговото реално значење. Почнав да сфаќам дека Американците од сe мора да направат „филм". Тие живеат од и во филмови. А јас, ненадејно, од парталав скитник што преспива по плажи станав значајна личност, од маргинален се претворив во главен лик на еден локален спактакл. Се почувствував важно како високобуџетен глумец. Но како што разгледувањето на холивудските филмски студија се плаќа, така се плаќа и неканетото учество во филм. Тоа го дознав кога по еден месец ја добив сметката од болницата, во која сигурно беше вклучено и парадното доаѓање на тропотливата, ѕунлива црвена грдотија за гаснење пожар.

Следниот ден времето беше сончево и чисто, а јас, наспан и одморен, со обновена енергија, бев цврсто решен да го продолжам својот престој во Америка. До кога, самото ќе ми се каже. Местото околу лузната с# уште беше малку отечено и црвено, но кога ќе ги ставев цвикерите (тие среќни цвикери!), лузната речиси не се познаваше.

Аџи и Мртва ме однесоа, сосе точакот, до една куќа во Холивуд што имаше најевтина кирија, откако пред тоа по телефон се договорив со газдата. Имав на располагање една сопствена помала соба и заедничка кујна и бања што ги делев со само уште еден станар кој живееше во тоа крило од куќата, некоја млада црнкиња. Имавме посебен влез, така што бевме сосем изолирани од другите потстанари, што ми се виде мошне добро. Газдата исто така беше црнец, а подоцна увидов дека и целото маало е главно црнечко. Дојдов кај веслачите на галијата наречена Америка. Од развревеното шарено крајбрежје одеднаш се најдов во мирно црно гето.

Аџи и Мртва си заминаа најбрзо што можеа, веројатно згрозени од моето ново соседство, и, според начинот на кој се поздравивме, сфатив дека ова е крај на нашето дружење. Тие жестоко се трудеа да се качат некое скалило погоре на општествената скала, а јас се спуштав с# подлабоко. Нашите патишта неповратно се разидуваа.

Што се однесува до мене, маалото ми се виде симпатично. Куќите главно беа монтажни бараки, со мали запустени дворчиња, но по улиците минуваа слатки, весели црнкињи, кои имаа нешто посебно во својот опуштен, сензуален од. Целото маало беше неверојатно зелено и мирно. Тука никој не брзаше, зашто немаше каде да се стигне.

Така помина една недела, а јас повторно останав без пари. Педесетте долари што одвај ги позајмив од Роко, ги потрошив, а првата плата требаше да ја земам дури по една недела. Првата недела со парите од Роко, и плус уште околу 30 мои, можев да платам за автобус до работа и назад, да изедам едно обилно гиро за време на паузата за ручек, а за навечер најдов нов бесплатен извор на храна, и на тој начин успеав да ги растегнам тие 80 долари за седум дена.

Мојот нов извор на бесплатна храна беше заедничкиот фрижидер во куќата. Обично доаѓав дома околу 6-7 часот навечер, некогаш работејќи и по 12 часа на ден, и откако ќе се избањав, мртов уморен, со болки во целото тело, се испружував на каучот во дневната соба, чекајќи еден серијал за џезот што го открив на некој од телевизиските канали. Така дремев и се опуштав, залулкуван од прекрасните сензуални носталгични тонови на Били Холидеј, Сачмо, Мајлс Дејвис, Телониус Монк, слушајќи ја единствената адекватна музика во црнечката куќа на црнечкото гето, во најокапаниот дел од градот – џезот. Потоа, кога очните капаци ќе ми станеа потешки од нотите на Телониус Монк, се повлекував во својата соба, премногу уморен и за да помислам на јадење. Но некаде околу 1 часот, кога веќе добро ќе отспиев со сон на праведник, празниот стомак неминовно ме будеше како часовник. Станував и кроце, внимавајќи да не предизвикам посилен шум, доаѓав до фрижидерот како под некоја вуду хипноза. Фрижидерот секогаш беше полн, а меѓу сите тие убави нешта се наоѓаше и моето парче кашкавал што го бев оставил тука како мамец, во случај некој да не ме изненади во моите ноќни гастрономски походи. Потоа подеднакво земав по мал дел од сите работи што ќе ги најдев во фрижидерот, за да не се забележи дека се смалуваат, и ќе си направев еден боговски сендвич со с# и сешто внатре: мајонез, шунка, кашкавал, краставички, енчовис, маслинки, а сето тоа на крај го залевав со раскошен млечен сладолед. Откако така убаво и слатко ќе се изнајадев, легнував и спиев како јагне, а до ручекот на пладне ме делеше само еден кроасан или крофна што ги јадев во дуќанчето на Џон заедно со првото утринско кафе, следејќи ја промената на нијансата на портокаловата боја на облаците од бледа во жарко румена, и тагата на работниците што опаѓаше за една октава со се пожестокото и позабрзано надоаѓање на раното, убаво и чисто лето на Флорида.

Во Аргентинос одвреме-навреме наминуваа сите фрикови од околината, од 18 до 60 години, еден доста шаренолик и мешовит состав по сите основи, но најмногу има јужноамерикански емигранти. Се чини дека оваа вечер сите се собрани тука. На една маса седи локална гатачка и им ја претскажува судбината на расположените пијани гости за ситни пари. На друга маса седат три убави, дотерани девојки и еден тип со мафијашки изглед, облечен во костум, со залижана коса и златен синџир околу вратот. До нив еден љубовен пар сочно се бакнува, не забележувајќи никого околу себе. Во задниот, проширен дел на барот, неколку помлади луѓе играат румба. Долгиот шанк е начичкан со луѓе, но успевам да истуркам едно место и нарачувам пијачка. Ја опсипувам со комплименти Фернанда, најубавата шанкерка од сите, една малечка Аргентинка со стројно тело и бујни облини, бело лице, црна коса, црвена уста, зелени очи. Таа речиси не зборува англиски, но многу добро разбира какви убави работи и посакувам. Единствено што успева да направи е да ми се внесе во лицето со своите жизнерадосни очи додека ми ја дава пијачката и да извика: „Линдо! Линдо!"

– Имаш добар вкус за жени, – слушам еден зарипнат глас покрај себе, – и јас ќе ја изберев истата да бев помлад.

Се вртам и до себе гледам едно исклештено лице на средовечен тип, со долга коса и мустаци како по последната мода од времето на Вајат Ерп. Според целокупната појава личи на мексикански десперадос заглавен во својата омилена крајпатна кафеана.

– Да не бидеме егоцентрични – му велам на необичниов човек. – Тоа само докажува дека имаме сличен вкус.

– Да, претпоставувам дека си во право – вели тој, смеејќи се весело.

– Мексиканец ли си? – го прашувам заинтригиран од неговата необична појава, иако зборува на „чист" американски јазик.

– Не, не, Американец.

– Личиш на Мексиканец.

– Па, јас сум фактички Индијанец. Американски Индијанец – додаде некако срамежливо. – А ти?

– Јас сум Македонец.

×овеков ги ококорува дотогаш полузатворените очи и ме загледува љубопитно.

– Навистина?!

– Да, малку е далеку, ама вистина е – велам, очекувајќи сега да ме потпраша каде точно е Македонија, дали во Африка или на Блискиот Исток, што често ми се имаше случувано.

Наместо тоа, човеков почнува весело и зачудено да се смее извикувајќи:

– Ех, ех, ех, не ми се верува.

Потоа ја крева раката, во знак дека го бара моето целосно внимание, се концентрира, превртувајќи по своето сеќавање, загледан некаде далеку зад мене, и почнува да пее: Македонцко девојче, китка сарена, во градина набрана, дар подарена… Дали има на овој бели свет похубаво девојче од македонцко?

Потоа едно утро, додека мамурен го испивав своето кафе (по доцното заглавување во еден бар во Холивуд, каде што со Драги игравме билијард на „подобар пар"), сред вообичаениот неред на масата, меѓу шишињата со пиво, лименките со кока-кола, остатоците од чипс, книгите, сметките и секакви други дреболии што заскитале на масата и тука го загубиле својот пат, погледот ми падна на еден црвен пасош, американски пасош. Бев сам во станот – и таткото и синот веројатно беа на работа. Ролетните беа спуштени и собата пливаше во зеленикава аквариумска светлина. Само еден сончев зрак се пробиваше низ едно скршено парче од ролетната и ползеше до аголот на ѕидот, каде што се прекршуваше и многукратно се зголемуваше на соседниот ѕид.

Го зедов небрежно фрлениот пасош. Беше на Џими, стариот. Го разгледував со разбудена љубопитност и видов неколку печати од бугарската царинска служба. Но со голема возбуда и зачуденост, иако тоа Индијанецот веќе ми го имаше споменато, забележав дека два пати ја преминал бугарско-македонската граница. Два сосем јасни печати на македонските царински служби кај Деве Баир. Годината беше 1997. Колку беше чудно сето ова!Си го замислував Џими како се шета во Скопје, па можеби дури и сме се виделе бегло во некоја улица на разминување, а сега се наоѓам во неговиот апартман во Мајами. Колку е мал светот, а колку е чуден животот!

Ова, сепак, недвосмислено ја потврдуваше приказната на Џими, барем нејзиниот прв дел, дека бил во Бугарија, а и дека влегол во Македонија. Но дали во својство на трговец со вино и дали со својата љубена Македонка? И што бара пасошов тука? Најпрво книгата на бугарски, а сега пасошов. Се чинеше како Индијанецот да ми остава некакви знаци. Но какви и зошто? Одеднаш почна да ме фаќа параноја. Повторно ми се јави мислата, но овојпат продлабочена, дека бившиот оперативец на некоја си тајна американска служба, „уште поопасна од ЦИА", се уште бил оперативец кога престојувал во Бугарија. А, тогаш, зошто не и сега?


- Реклама -