АПИС бара вклученост во процесот на изработка на законот за игри на среќа што го најави Мицкоски

Компаративната пракса, велат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа, покажува дека секое избрзано решение ќе стимулира предуслови за отворање „диви“ играчници, надвор од регулацијата на надлежните институции каде што младите ќе бидат далеку повеќе загрозени, а државниот буџет со намалени приходи

Владата да не ја повторува грешката на претходниците и во процесот на изработка на законот за игри на среќа, кој треба да е инклузувен, да вклучи стручни претставници од асоцијациите и здружението на вработени, апелираат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), откако премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека во тек се подготовки за изработка на ново законско решение за игрите на среќа.

Компаративната пракса, велат од АПИС, покажува дека секое избрзано решение во врска со објектите за игри на среќа ќе стимулира предуслови за отворање „диви“ играчници кои се надвор од регулацијата на надлежните институции и каде што младите ќе бидат далеку повеќе загрозени, а државниот буџет со намалени приходи.

„Сметаме дека државата треба да ги предвиди сите потенцијални ризици и последици од одредено законско решение. Затоа, бараме од сите надлежни државни институции пред да ја носат одлуката како ќе интервенираат во законот за игрите на среќа, да ни дозволат со нашите предлози, мислења и лично искуство да влијаеме на носење поквалитетно решение со целосен опфат и државна контрола на сите видови игри на среќа“,

велат од Асоцијацијата.

Најдобра потврда дека никој од оваа дејност не бега од дополнителна регулација на игрите на среќа, како што велат од АПИС, е фактот дека во 2020 година од страна на Асоцијацијата во Собранието беа поднесени предлог-амандмани за подобрување на тогаш предложениот текст за измени на Законот за игри на среќа и забавни игри.

Велат оти ја разбираат негативната кампања која се води во јавноста против игрите на среќа, особено во поглед на младите, но додаваат дека како претставници на реномирани светски компании, ги спроведуваат највисоките стандарди на Европската Унија во оваа смисла и дека во ниеден објект каде што се приредуваат игрите на среќа не смее да влегуваат малолетници.

„Во нашите објекти влегуваат најмногу 3 проценти од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Некој од нив игра од забава, некој игра за да заработи плус, некој за да си ја задоволи играчката страст. Кај нас многу ретко некој влегува од љубопитство. Се работи за луѓе кои претходно веќе играле, најчесто на запад и тука си ја пробуваат среќата. Дури, во автомат-клубовите имаме дежурен психолог кој стои на располагање на секој играч кој евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа, може веднаш да го контактира за стручна помош. Во ниту еден објект не смеат да влегуваат малолетници и секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП. Не постои ниту еден записник на надлежните институции каде во објектите кои се под надлежност на членките на АПИС се затечени малолетници“,

посочуваат од Асоцијацијата.

Упатуваат на важноста на мислењето на вработените во овој сектор со оглед на фактот што, како што посочуваат, во него работат речиси 10 илјади луѓе, индиректно се засегнати најмалку 23 илјади граѓани кои преку овие работни места обезбедуваат егзистенција, а засегнат е и државниот Буџет во кој годишно се слеваат 280 милиони евра.

- Реклама -