Советот на Апелацискиот суд Скопје (составен од судиите Тања Милева, претседател на советот, Ѓоко Ристов и Лирие Елези Ајрулау, членови на советот) ја уважи жалбата на првообвинетиот во случајот „Софтвери” – Драги Рашковски, и му ја укина мерката куќен притвор. Во одлуката на скопска апелација се вели и дека се прифаќа понудената гаранција од страна на обвинетиот Рашковски, во вкупен износ од 192.980 евра, што се состои од ставање хипотека на недвижен имот.
Во одлуката на Апелацискиот суд се наведува дека обвинетиот по укинување на мерката притвор има обврска да се јавува секој работен прв понеделник во месецот во 10 часот, на овластено службено лице при Основен кривичен суд Скопје – Одделението за организиран криминал и корупција.
Во одлуката на Апелациониот суд Скопје стои и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница на име на обвинетиот, односно забрана за нејзино издавање.
Како што се наведува во образложението на Апелација, мерките на претпазливост ќе траат додека постои потреба од тоа, најдолго до правосилноста на пресудата, а судот по службена должност на секои два месеци преиспитува дали има потреба за траење на мерката на претпазливост.
МИА