Апелација делумно ги уважи жалбите за „Титаник 1“, намалена затворската казна на Јанакиески, условна за Јанкулоска

Апелациониот суд Скопје денеска ја објави одлуката за случајот „Титаник“, со која жалбите на обвинетиот Миле Јанакиески, на обвинетата Гордана Јанкулоска и на обвинетиот Мунир Пепиќ, делумно се уважуваат, додека жалбите на обвинетиот Коста Митровски, се одбиваат како неосновани.

По жалбите и по службена должност пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, од 28.02.2022 година, се преиначува во делот на одлуката за кривичната санкција на начин што:

– На обвинетиот Мартин Протуѓер кој со првостепената пресуда е огласен виновен за кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“ му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда така што определената казна затвор со првостепената пресуда за наведеното кривично дело во траење од една година и шест месеци се зема за утврдена и истовремено се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот за време од пет години сметано од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

– На обвинетиот Миле Јанакиески, кој со првостепената пресуда е огласен виновен за кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“, за кое му е
утврдена казна затвор во траење од една година и за кривично дело „Уништување на изборен материјал“, за кое му е утврдена казна затвор во траење од три години, определените казни се земаат за утврдени. Обвинетиот се осудува на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци, во која му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 14.11.2018 година до 26.02.2019 година, како и времето поминато во куќен притвор сметано од 28.02.2022 година до започнување со издржување на казната затвор.

– На обвинетата Гордана Јанкуловска, која со првостепената пресуда е огласена виновна за кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“ и за кривично дело „Повреда на избирачкото право“ и се изрекува алтернативна мерка условна осуда така што определените казни затвор со првостепената пресуда за наведените две кривични дела во траење од по една година се земаат за утврдени, па со примена на одредбите од член 44 од Кривичниот законик и се утврдува единствена казна затвор во траење од една година и осум месеци и истовремено се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетата за време од пет години, сметано од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

– На обвинетиот Мунир Пепиќ, кој со првостепената пресуда е огласен виновен за кривично дело „Повреда на избирачкото право“, му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда така што изречената казна затвор со првостепената пресуда за наведеното кривично дело во траење од една година се зема за утврдена и истовремено се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот за време од пет години сметано од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Во останатиот дел, се вели во пресудата од Апелација, првостепената пресуда, освен по однос на кривичното дело Злосторничко здружување од член 394 став 1 од Кривичниот законик, опишано во дел I точка 1 од изреката, се потврдува.

– По жалбите на обвинетите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, изјавени преку бранителите и по службена должност, пресудата на Основниот кривичен суд од 28.02.2022
година, по однос на кривичното дело „Злосторнично здружување“ од член 394 став 1 од Кривичниот законик, опишано во дел I точка 1 од изреката, се преиначува за правилна примена на материјалното право и се пресудува: Против обвинетите Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, се одбива обвинението, се вели во пресудата на Апелација.

Апелациониот суд Скопје, денеска информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-53/22, во јавноста познат како „Титаник 1“, по одржана jавна седница на 04.05.2023 година, донесе пресуда со која одлучи по жалбите на обвинетите: Г.Ј., М.Ј, М.П и К.М., сите од С., изјавени против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, КОК-7/18 од 28.02 2022 година, како и по жалбата на обвинетата Г.Ј., од С., против решението за исправка на Основниот кривичен суд Скопје, КОК-7/18 од 04.04.2022 година.

Пресудата на Апелациониот суд Скопје, КОКЖ-53/22 од 18.05.2023, во целост е објавена и е достапна на веб страната на судот.

Случајот „Титаник 1“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори во 2013 година.

МИА

- Реклама -