АНУК: Србија нуди темни перспективи за регионот, „Отворен Балкан“ може да го маргинализира албанскиот политички фактор во Северна Македонија

Приштина, 14 февруари 2022 (МИА) – Академијата на науките и уметностите на Косово (АНУК) предупреди денеска на опасност од дестабилизација на регионот поради, како што вели, „рециклирањето на политиките на Србија кон Косово и Западен Балкан“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешната објава, со која им се обраќа на домашната и меѓународната јавност, АНУК оценува дека Србија, со нејзините „дестабилизирачки политики на Западен Балкан“, нуди „темни перспективи“ за регионот и предупредува дека ситуацијата може да ескалира во наредните денови и месеци.

„Тие темни перспективи кои ги нуди Србија за регионот можат да ексалираат во наредните денови и месеци, бидејќи српското општество, државата и нејзините институции, наспроти постојаната поддршка од Западот, не се реформираа и демократизираа и не се деконтаминираа од гоелмосрпските националистички идеи“, се вели во соопштението.

Опасност од „политички влијанија финансирани од Русија и Кина, АНУК гледа и во заедничкиот проект на Северна Македонија, Албанија и Србија – „Отворен Балкан“.

„Во тој контекст треба да се гледаат и српските иницијативи за ‘мини-Шенген’ и проектот ‘Отворен Балкан’, како отворена опструкција кон Европската унија и како простор за нови политички и економски пробиви на Русија и Кина на Балканот, со јакнење на улогата на Србија и изоставување на Косово од сите регионални процеси“, се вели во соопштението.

Според АНУК, „Отворен Балкан“ може да влијае на маргинализирањето на улогата на албанскиот политички фактор во Северна Македонија, додека зачленувањето на земјата во НАТО, според Академијата, некои во Скопје го гледаат и како „можност да се направат структурни промени во внатрешните и надворешните политики, како што е приближувањето со Србија и игнорирањето на внатрешниот албански фактор“.

„Академијата исто така смета дека иницијативата ‘Отворен Балкан’ и асиметричната оска Белград-Скопје-Тирана ќе влијае на тоа Албанците во Северна Македонија да не бидат релевантен фактор во внатрешните и надворешните политики на таа држава, бидејќи нивната тежина владата во Скопје се обидува да ја замени со директно зближување со Тирана. Зачленувањето во НАТО на Северна Македонија не беше прочитано во Скопје само како јакнење на безбедноста и меѓународната положба на таа држава, туку и како можност да се направат структурни промени во внатрешните и надворешните политики, како што е приближувањето со Србија и ингорирањето на внатрешниот албански фактор, како детерминатор на политичката конфигурација на земјата“, се вели во објавата на косовската Академија.

Според неа, Србија продолжува да ја спроведува стратегијата на потпирање на Русија и Кина за поттикнување меѓуетнички конфликти. Во тој контекст се потсетува на изјавата на специјалниот американски пратеник за Балканот, Габриел Ескобар, според кого, идеите што се промовираат во Белград за „српски свет“ всушност се идеи за „руски свет“.

Највисоката косовска научно-уметничка институција цени дека Западот има погрешен однос кон Србија уште од падот на поранешниот српски лидер, Слободан Милошевиќ.

„Академијата констатира дека сегашната ситуација на Западен Балкан, вклучително и Косово, би требала да го поттикне Западот да формулира појасна стратегија во однос на Србија, на нејзините дестабилизирачки тенденции и на нејзините сојузништва со Русија и Кина. Академијата исто така смета дека соодветно решение за регионот на Западен Балкан може да биде приближувањето на одделните држави кон ЕУ и НАТО“, се вели во објавата на АНУК.

- Реклама -