Антонио Грамши: Мразам ИНДИФЕРЕНТНИ

file-10250-media[1]

Мразам индиферентни. Верувам, исто како Федерико Хебел, дека „да се живее значи да се биде пристрасен“. Не може да постојат само луѓе, туѓинци во градот. Кој навистина живее мора да биде граѓанин, мора да биде пристрасен. Рамнодушноста е безволност, паразитизам, кукавичлук; тоа не е живот. Затоа ги мразам индиферентните.

Индиферентноста со својата мртва тежина ја притиска историјата. Таа е железна топка врзана за ногата на иноваторот, таа е мртва вода во која често се удавуваат најсјајните елементи, таа е мочуриште што го опсадува стариот град и го брани подобро и од најцврстите ѕидови, подобро и од градите на неговите бранители, затоа што ги голта во своите калливи вртлози јурнувачите, ги десеткува и им ја одзема храброста и некогаш ги натерува да се откажат од херојските подвизи.

Индиферентноста моќно делува врз историјата. Делува пасивно, но делува. Таа е фаталност, таа е она на што не може да се смета; тоа што ги саботира проектите, што ги соборува најдобро создадените планови; таа е груба материја која се опира на интелигенцијата и ја гуши. Тоа што се случува, злото кое ги погодува сите, можното добро кое херојскиот чин може да го роди, не е во толкава мера под иницијатива на малубројните кои се трудат, колку што е под иницијатива на индиферентноста, неделувањето на многуте. Тоа што се случува не се случува затоа што некои сакаат тоа да биде, колку што се случува затоа што огромна маса луѓе се откажува од поседување на сопствена волја, им препушта на другите да прават, допушта да се заплетат чворови, кои подоцна само меч може да ги пресече, дозволува да се донесат закони, кои подоцна може да се укинат само со побуна, допушта да се докачат на власт луѓе, кои подоцна единствено востание може да ги собори. Фаталноста која доминира со историјата не е ништо друго освен илузорен вид на таа индиферентност, тоа отсуство…

Настаните созреваат во сенка, во малобројни раце, вон надзор и контрола, го ткаат платното на колективниот живот, но масите тоа не го знаат, зашто не им е ни грижа. Судбината на некои епохи е манипулирана во согласност со тесните погледи, непосредните цели, личните амбиции и страстите на мали активни дружини на луѓе, а на масите тоа им е непознато, бидејќи тоа не ги интересира. Но настаните созреваат и избиваат; платното исткаено во тајност е довршено; и тогаш изгледа дека неминовната судбина се срушува и го превртува животот на секој, како и на поединците; оние кои тоа го сакале и оние кои тоа не го сакале, оние кои знаеле и оние кои немале појма, како и оние кои активно се бореле и оние кои биле пасивни. А токму овој последниов се лути, не сака да ги поднесува последиците на настаните, сака да биде јасно дека тој тоа него сакал и дека тој не е одговорен. Некои ламентираат низ плач, други грубо псујат, но никој или многу малку од нив си го поставуваат прашањето: дали ако јас го направев тоа што ми беше должност, дали ако се потрудев да ја искажам својата волја, самиот да го дадам својот совет, дали тогаш ова би се случило? Но никој или многу малку од нив ја обвинуваат својата рамнодушност, својот скептицизам и се сметаат за виновни што не ја пружиле раката и активно помогнале на онаа собрана група граѓани кои, баш за да се избегне тоа зло, се бореле и предложувале наместо тоа да се постигне некоја добра цел.

Мнозинството од нив, штом се случи неприликата, најмногу сакаат да зборуваат околу пропаста на идеалите, околу програмите кои дефинитивно пропаднале и други слични чуда. Така одново ја отпочнуваат својата отсутност од секаква одговорност. И тоа не е така затоа што јасно не ги гледаат нештата, или зашто понекогаш не се во состојба да понудат добри решенија за итните проблеми или пак затоа што се од оние на кои им треба малку подолга подготовка за да бидат исто така агилни. Сите тие нивни решенија остануваат прекрасно неплодни, бидејќи таквиот придонес во животот на заедницата не е воден од никакво морално светло; тој е производ на интелектуална љубопитност, а не на остро чувство на историска одговорност, која бара сите во животот да бидат активни и која не допушта агностицизми и индиферентности од никаков вид.

Ги мразам индиферентните бидејќи ми смета нивното цмиздрење на невини жртви. Барам од секој од нив да води сметка како се однесувал кон задачите кои пред него ги поставил животот и кои секој ден пред нив тој одново ги поставува, сметка за тоа што направил и што не направил. И претчувствувам дека ќе бидам неумолив и дека нема да морам со нив да го расипам сопственото сожалување и не морам со нив да ги поделам солзите. Јас сум пристрасен. Живеам и чувствувам како силната свест од моја страна веќе активно ја бие битката за идниот град, кој мојата страна веќе го гради. А во него, ланецот на општествени должности не ги оптеретува само малубројните, во него сé што се случува не се случува случајно, фаталистички, бидејќи тоа е разумно дело на неговите граѓани. Во тој град никој не останува за од прозор да набљудува како малубројните се жртвуваат и даваат крв од сопствените жили во таа жртва; бидејќи тој што останал да гледа од прозорот, кој се притаил и кој кој сака да се користи со она мало добро што е стекнато со делување на малубројните и кој го изразува своето разочарување грдејќи ја жртвата, баш тој ќе се исквари, бидејќи нема да успее во сопствената намера.

Антонио Грамши (1891-1937),
Италијански револуционер, писател и политичар

- Реклама -