На 6 април до Антикорупциската комисија беше доставен приговор од тогаш кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска – Давкова, а сега и шефица на државата по победата на изборите, дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска информира дека покренала иницијатива до сите надлежни органи за утврдување одговорност на директорката, Наташа Габер-Дамјановска, претседателот Беким Мехмеди и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Иницијативата, како што се наведува во соопштението објавено на веб-страната на ДКСК, е поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.
„Потсетуваме дека ДКСК отвори предмет за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители, за време на изборите, за што утврдивме дека е спротивно на законите, а тоа практично го потврдија и Управниот и Вишиот Управен суд, кои ја отфрлија жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители“,
се наведува во соопштението на ДКСК.
На 6 април до Антикорупциската комисија беше доставен приговор од тогаш кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, а сега и шефица на државата, по победата на изборите, дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.
Приговорот од Сиљановска – Давкова беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.
На 19 април со четири гласа „за“ и еден „против“, Антикорупциска повторно одлучи во корист на кандидатката за претседател Гордана Сиљановска-Давкова и ѝ предложи на АСЈО да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите.
Одлуката повторно се најде пред Управниот суд, кој овојпат одлучи да ја потврди одлуката на антикорупционерите и да ја отфрли жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители.
Аргументите на Академијата за судии и јавни обвинители, кои пред Антикорупциска ги бранеше директорката на АСЈО, беа дека станува збор за јавен оглас за прием во почетна обука, а не за работно место и не за вработување.
„Апликацијата што кандидатот ја поднесува е за упис, а не за работно место. Најголемиот број на кандидати, можеби и сите, се вработени на други работни места, не постои двојно вработување. Академијата актуелно не вработува. Оние што сега полагаат имаат статус на кандидат. Само оние што ќе се стекнат со статусот слушател склучуваат работовремен работен однос со Академијата. Статусот слушател во моментот не го има никој. Тоа ќе биде после сите фази на тестирањето и другите законски процедури“,
рече тогаш Габер-Дамјановска.
По поднесената иницијатива на ДКСК, надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по неа.
„Сметаме дека и оваа иницијатива е целосно оправдана и дека надлежните институции ќе постапат соодветно и во предвидениот рок“,
се наведува во денешното соопштение на Антикорупциска.