Антикорупциска ќе го испитува именувањето на нови в.д. директори во дел од државните институции

Во однос на неодамнешните именувања на нови в.д директори во дел од институциите, кои беа направени на изминатите неколку владини седници, денеска реагираше и доскорашната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска. Таа во објава на Фејсбук оцени оти продолжила праксата на назначување директори со партиски пазарења

Државната изборна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) најави дека поединечно ќе го испита секој случај на именување на в.д. директори во дел од државните институции, кое во изминатиот период го направи новата влада, за да се утврди дали тие се во рамки на законските прописи, се предвидени и дозволени.

„Доколку се утврди дека именувањата се спротивни на законските прописи, ДКСК ќе преземе соодветни мерки и ќе поведе постапки по сопствена иницијатива. Комисијата се залага за обезбедување законитост и транспарентност во процесот на именувања и назначувања во државните институции“,

се наведува во соопштението на ДКСК.

Оттаму дополнуваат оти целта на овие проверки е да се осигура дека секое именување е согласно важечките закони и дека нема злоупотреба на функцијата за лични или политички интереси. 

Во соопштението се посочува оти антикорупционерите внимателно го следат процесот на именувања на в.д. директори во институциите и нагласуваат дека и натаму ќе продолжат со мониторингот и работата која придонесува за одржување на интегритетот и довербата во јавните институции.

Во однос на неодамнешните именувања на нови вршители на должност на позицијата директор во дел од институциите, кои беа направени на изминатите неколку владини седници, денеска реагираше и доскорашната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска. Таа во објава на Фејсбук оцени оти продолжила праксата на назначување директори со партиски пазарења.

„Праксата на назначување директори со партиски пазарења си продолжува. Само нови (а има и старо-нови) се пазарџиите на новите тезги. Живо заинтересирани за личните и партиските интереси. Е па, нема напредок без професионалци“,

пишува Ивановска во објавата на Фејсбук.

Фејсбук-статусот на поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска / Фото: Принтскрин

На првата седница на новата Влада, што се одржа на 28 јуни, беа именувани нови директори на чело на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Управата за јавни приходи (УЈП) и Царинската управа.

На седницата на Владата одржана на 2 јули беа назначени в.д. директори во неколку државни институции – Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Управата за извршување на санкции, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за храна и ветеринарство, а препорака за именување на нов в.д. директор била упатена и до Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.

Нови в.д. директори вчера беа назначени и во Државниот инспекторат за земјоделство, Управата за заштита на културното наследство, Агенцијата за катастар на недвижности, Бирото за регионален развој, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија, Управата за сигурност во железничкиот систем. Владата вчера ги разреши и националните координатори.

- Реклама -