Тимот на македонскиот интернационалец Перо Антиќ среќно но и со далеку поконцентрирана игра единствено во финишот на мечот успеа да се извлече од несакан „шок“ на дуелот против хрватската Цедевита во рамките на 4. коло од Евролигата.
Во македонската пресметка меѓу Антиќ и Владо Илиевски од другата страна, Олимпијакос стигна до победата од 79:77 буквално во последните секунди, иако во поголемиот дел од последниот период на игра хрватскиот тим беше во водство.
Но, сепак не издржаа во финишот што Грците умешно го искористија за да дојдат до втората победа во досегашниот дел од натпреварувањето. Цедевита, пак, го забележа и четвртиот пораз.
Нашите кошаркари имаа скромен учинок во своите тимови, Перо Антиќ завршувајќи го натпреварот без поени за нешто повеќе од 17 минути игра, но со седум реализирани скокови, додека Владо Илиевски за гостите одигра 15 минути, со постигнати два поени а дополнети и со три асистенции.