Се чини дека луѓето имаат некаква посебна желба за живот и во ситуации кога шансите се потполно неверојатни. Историјата е полна со вистинити примери на преживување: бродоломи, канибализам и напади од мечки… Сепак, малку од таквите приказни можат да застанат рамо до рамо со онаа на Леонид Рогозов – рускиот доктор што сам си направи операција.
Беше 1961, а Студената војна беше во полн ек. Рогозов беше член на Советска Антарктичка експедиција составена од 12 луѓе, која имаше задача да изгради база во Ширмахеровата Оаза. По извршувањето на мисијата, групата требаше да се засолни и да ги отседи зимските месеци, по што конечно ќе можеше со брод или авион да се стигне до нив.
Ама среде таа поларна зима, слепото црево на Рогозов беше спремно да пукне, оставајќи го без никаква медицинска помош однадвор. Тој беше соочен со два избора: самиот да си направи операција и да преживее, или да не направи ништо и да умре.
„Сé уште нема видливи симптоми дека перфорацијата е на пат да се случи, ама ме обзема силно чувство дека нешто лошо ќе се случи“, ќе напише Рогозов во дневникот. „Морам да размислам околу единствениот можен излез – да се самооперирам. Речиси е невозможно, но не можам само да ги скрстам рацете и да се предадам“.
Кратко потоа, докторот веќе немал време да размислува. Регрутирал двајца други од групата за да му подаваат инструменти и наместил огледало за да гледа што прави. Се разбира, анестезија не беше опција, бидејќи ќе му ја одземеше способноста да оперира.
Си го отворил стомакот и почнал да ги преместува цревата за да стигне до слепото црево, но обратниот одраз во огледалото станал премногу збунувачки (дајте му на некој хирург да оперира преку огледало и сигурно нема да му биде лесно). Ама назад немало, па Рогозов ги извадил ракавиците и почнал да работи исклучиво со напипување и според допир.
„Крварењето е прилично обилно, но не брзам“, пишува Рогозов по првата етапа од процедурата. „Отварајќи го перитонеумот (мембраната што ги обвиткува абдоминалните и карличните шуплини), го повредив слепото црево, по што морав да го сошијам. Станувам сé послаб и послаб, главата почнува да ми се врти. На секои 4 до 5 минути, одмарам по 20-25 секунди“.
Набрзо, следува нов запис во дневникот:
„Конечно, еве го проклетото слепо црево! Со ужас ја забележувам темната дамка на неговата база. Тоа значи дека само ден подолго – и ќе морало да експлодира. Срцето не ми работи нормално и е значително забавено, рацете ги чувствувам како да ми се од гума. Па, си помислив, ќе заврши лошо и сé што ми преостанува е да го отстранам апендиксот“.
Од отварањето, па до зашивањето на раната, операцијата траела речиси 2 часа. Две недели подоцна, Леонид Рогозов се вратил на своите вообичаени задачи, подеднакво способен како и останатите од тимот.