Мерката на Владата на неефикасните административци да им понуди работни места во приватниот сектор со повисока плата и притоа да ги субвенционира придонесите за овие работници, има логика, барем според министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски. Приватната фирма ќе плаќа помалку бруто плата затоа што државата ќе ги плаќа придонесите, а државата ќе плаќа помалку бруто плата затоа што ќе има помалку административци, објасни тој.
Меѓутоа, граѓаните не гледаат логика во тоа неработливците и некомпетентните да земаат повисока плата, па уште и со субвенционирани придонеси од страна на државата, а и не сметаат дека ваквата мерка на Владата ќе биде применлива во реалноста, вака како што е замислена, покажуваат реакциите на граѓаните по друштвените мрежи во однос на веста за планот на владата за „ослободување“ од неквалитетниот вишок административци.
„Тие едвај чекаат да им понудите работа за во приватниот сектор и веднаш ќе прифатат. Абре колку сте смешни!“, „И ова чудо да го видиме“, „А таквите во приватниот сектор ги чекаат со леб и сол“, „Да сакале да работат, немале да се вработат во администрација“, се само дел од коментарите на граѓаните на објавата на веста. Оттаму, екипата на „Слободен печат“ реши да направи видео анкета и да провери дали ставовите на скопјани се поклопуваат со ставовите искажани на друштвените мрежи. Анкетата погледнете ја ТУКА.