Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ објавува отворен повик за аплицирање за годинешното петто јубилејно издание на фестивалот, кое ќе се одржи во периодот од 5-ти до 8-ми ноември 2015 во Скопје, Република Македонија.
Право да се пријават имаат сите филмови изработени во било која техника на анимирање, завршени по 1 јануари 2014 година кои претходно не биле пријавени на Анимакс Скопје Фест. За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории: кратки анимирани филмови, долгометражни анимирани филмови (над 45 минути)
и анимирани филмови за деца.
Краен рок за праќање на пријавите и видео материјалите е 20 септември 2015 година.
„За прв пат годинава отвараме и повик за долгометражни анимирани филмови. Тоа е новитет кој сакаме да го одбележи ова петто јубилејно издание на фестивалот. Досега третиравме само кратка филмска форма, а сега започнуваме и со долга. Уште едно нешто кое значи исчекор напред е зголемување на обемот на фестивалот во денови – отсега па натаму програмски ќе пополнуваме 4 наместо досегашните три фестивалски денови.“, вели м-р Кузман Кузмановски, директор на фестивалот.
„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија и Градот Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.
Наградите кои ги доделува меѓународната жири комисија на овој фестивал се Златна, Сребрена и Бронзена Тула во секоја натпреварувачка категорија.
„Досега овој фестивал бележи нагорен тренд во бројот на пријавени филмови. Започнавме скромно а веќе на минатото 4-то издание имавме 326 пријавени анимирани филмови од 52 земји од светот. Тоа значи дека полека но сигурно се пробиваме на светската фестивалска сцена“, вели Кузмановски.
Повеќе информации за фестивалот се објавени на веб страната http://www.animaxskopjefest.mk/ како и на ФБ профилот .