„Анима мунди“ итно бара дозволи за движење во полициски час за активистите за заштита на животни

Итно да се овозможат дозволи за движење на активистите (контролирано, временски ограничено и одговорно) кои под своја грижа имаат стотици бездомни кучиња, бараат од здружението за заштита на животните „Анима мунди“, во отворената реакција во пресрет на владината седница на која ќе се одлучува за времетраењето на наредниот полициски час

„Има ли крај на апсурдот – кинолози добиваат дозволи за движење и спроведување активности во полициски час, грижа на одгледувачници кои генерираат профит, а постојат ‘на диво’; додека за активисти за права на животните, кои се грижат неретко и за цели стационари бездомни кучиња и на тој начин помагаат во решавање на проблемот на општините, дозвола нема!“, велат од „Анима мунди“ во реакцијата.

Од здружението реагираат дека цела недела талкаат низ институционалните лавиринти со цел да обезбедат дозволи за (контролирано, временски ограничено и одговорно) движење на активисти кои се грижат за, како што потенцираат, бројни бездомни животни, локализирани/стационирани/уклонети од улица, кои зависат од човечка грижа и кои не можат да бидат оставени со денови без храна и вода, додека трае полициски час.

Како што посочуваат во реакцијата, од Министерството за информатичко општество и администрација каде што доставиле Барање согласно предвидените процедури, биле препратени Владата и Кризниот штаб, а од таму во општините, па во локалните полициски станици. Решение засега, велат, нема. Посочуваат дека одредени поединци добиле дозволи, додека другите се одбиени без образложение.

„Ние ги почитуваме мерките на Мин. за здравство и Владата, ја разбираме сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме и во ниту еден случај не би ги нарушиле предвидените мерки и процедури, но веќе со недели укажуваме дека е неопходно да се согледа аспектот на нашето дејствување (со кој ја помагаме државата и општините) и БАРАМЕ ИТНО да ни биде дозволено движење во ограничен временски рок со цел грижа (храна, вода, основна вет. помош) за бројните бездомни животни за кои се грижиме.

Ова дотолку побргу мора да се реши бидејќи доаѓаат денови на Велигденските празници кога се најавуваат повеќе денови полициски час.

Активистите не се пpecтапници за да дејствуваат скришно, кpиејќи се од полициjaта, туку хумани граѓани кои во овие времиња на кpиза не можат да запрат со грижата на оние кои зависат од нас, а тоа се животните. БАРАМЕ да активистите за заштита на животните наидат на институционално разбирање и ги добијат истите пpaва како другите категории на граѓани чие дејствување има допирни точки со животни (на пр. кинолози, ловочувари и слично)“, бараат од „Анима мунди“ во реакцијата.

- Реклама -