Во второто полувреме против Украина ја видовме вистинската Македонија, оцени селекторот на македонската фудбалска репрезентација – Игор Ангеловски, во изјава по мечот.
Популарниот Мрме делуваше мошне разочарано по последниот судиски свиреж, а има и зошто да е така, по лошото прво полувреме во кое го загубивме мечот и второто, кое беше целосен контраст од првите 45 минути. Тоа го посочи и Ангеловски.
„Одигравме меч со две различни полувремиња. Сакавме да влеземе претпазливо, а во второ да бидеме поофанзивни. Во второто полувреме ја видовме вистинската Македонија. Покажавме дека имаме квалитет и дека заслужено сме на Европско првенство“, рече селекторот на македонската репрезентација, која по два одиграни меча нема ниту еден бод и има само минимални теоретски шанси, при евентуална победа над Холандија, за влез во втората фаза од натпреварувањето.
„На фудбалерите им кажав дека сме победени, но не сме поразени. Им кажав дека заслужено се во европскиот крем, заслужено се на Европското првенство и треба само така да продолжат, како во второто полувреме, и против Холандија за четири дена“, додаде Ангеловски.
Тој посебно потенцираше дека му е жал, како и на целата репрезентација, што не успејаа со позитивен резултат да им возвратат на македонските навивачи кои деновиве го „окупираа“ Букурешт, но оцени и дека громогласниот аплауз по мечот потврдил дека сме одиграле добро второ полувреме и заслуживме да го израмниме резултатот.
Мрме признава дека до позитивен резултат ќе биде уште потешко на претстојниот натпревар со Холандија, која е апсолутен фаворит. Сепак, македонскиот селектор не губи надеж дека токму тоа може да е приликата во која ќе успееме да стигнеме до историските први бодови на ова, односно на едно Европско првенство.