Ангелов: Во Њујорк, Париз, Атина, Белград… насилниците ќе беа „решени“ пред да упаднат во контролата на летање

Фејсбук статус на Стојанче Ангелов, претседател на „Достоинство“ и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК)

СТРАВ ОД ЛЕТАЊЕ

Пред да бидам именуван за директор на ЦУК, две години работев како помошник за безбедност на системи и уреди во Секторот за воздухопловна техника на М-НАВ во објектот на скопскиот аеродром. Во тој период лично запознав дел од вработените и слободно можам да кажам дека најголемиот дел од нив се извонредни луѓе, посветени професионалци кои се грижат за безбедноста на воздухопловите на нашето небо и аеродроми.

Како човек кој имал можност непосредно да се запознае со системот за управување и контрола на воздушниот сообраќај во Македонија, давам целосна подршка на Синдикатот на контрола на летање, но и честитки за нивната борбеност и истрајност.

Во ваква чувствителна институција од која зависи безбедноста на патничките авиони и на сите останати воздухоплови кои го надлетуваат нашето небо, слетуваат, полетуваат или оперираат на територијата на Македонија, мора да постои строга селекција при вработување преку која ќе се изберат најдобрите кандидати, во согласност со европските регулативи. Лица кои ги немаат потребните квалификации не смеат да се приближат до овие работни места, а не да работат на нив. Особено ако нивната најсилна, а можеби и единствена квалификација е одредена етничка припадност.

Воедно, обезбедувањето на објектот на М-НАВ во кој се сместени секторите за воздухопловна техника и контрола на летање, треба да се уреди на сосем поинаков начин, со сосем поинакви сили.

Страшно е тоа што насилниците кои неовластено влегоа во кругот на М-НАВ, вклучително и во просториите на контролата на летање, нападнаа дежурен контролор на летање, ги вознемирија и ја загрозија безбедноста и на останатите дежурни контролори ја загрозија и безбедноста на воздушниот сообраќај на македонското небо и аеродроми.

Добро е тоа што МВР ги приведе, а Јавното обвинителство поднесе соодветни пријави против осомничените насилници.

Неразбирлива е одлуката на Судот кој иако бил должен, не им одредил притвор на осомничените насилници. Но, кога ќе се земе во предвид дека некои од нив се дел од највисокото раководство на ДУИ тогаш ваквата постапка станува разбирлива. Останува отворено прашањето, до кога вака? До кога одредена етничка и партиска припадност ќе овозможува неказнивост дури и при сомнение за извршени тешки кривични дела?

Добро е и тоа што премиерот Ковачевски и министерката за одбрана Петровска најавија дека на следната владина седница ќе се расправа за разрешување на директорите и на Управниот одбор на М-НАВ.

Сосем за крај, прашувам, што ќе се случеше со насилниците доколку влетаа во контролата на летање на аеродромот во Њујорк? Или во Париз, Истанбул, Атина па дури и во Белград? Јас мислам дека таму немаше да влетаат. Ќе беа “решени” при обидот за влетување.

- Реклама -