Ангелов: Сѐ уште се активни два крака од пожарот кај Македонски Брод – земјоделците и сточарите да не палат стрништа и пасишта

На локалните пожарникари од Македонски Брод им помагаат 40 припадници на Армијата, како и 30 припадници на полицијата. Пожарот го гасат и вработените од ловиштето Јасен

Сите пожари кои ја зафатија територијата на државата се изгаснати, информираше попладнево директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), посочувајќи дека одредена активност покажува само пожарот што пред неколку дена изби во околината на Македонски Брод.

„Во Општина Македонски Брод на неколку места се уште може да се забележи чадење, а некаде и жешки точки. Овој пожар се одвива во два крака. Првиот крак во насока на селото Тажево и селото Брезница, а вториот крак на ловиштето Јасен. Утрово се испратени два полициски хелихоптери што го надгледуваат теренот и дејствуваат врз сите точки што покажуваат чадење или горење“,

вели Ангелов.

На локалните пожарникари од Македонски Брод им помагаат 40 припадници на Армијата, како и 30 припадници на полицијата. Пожарот го гасат и вработените од ловиштето Јасен.

Ангелов посочи и дека од УХМР се известени дека од следната недела се очекува зголемување на температурите, па затоа апелира до сточарите и земјоделците да бидат внимателни за да не предизвикаат пожар.

„Апелирам до земјоделците и сточарите да не ги палат стрништата и пасиштата, зашто може да предизвикаат пожар, кој покрај материјална и еколошка штета може да загрози и човечки животи“

рече тој.

- Реклама -