Ангелов: Полицијата веќе има информации за неколку предизвикувачи на пожари

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вечерва изјави дека полицијата веќе има информации за неколку предизвикувачи на пожари. Зборувајќи за забраната за движење во шума, Ангелов рече дека ниту еден планинар досега не предизвикал пожар и оти пожарите секогаш избувнуваат во близина на урбани средини, ниви или стрништа и дека има и подметнати пожари како во Кавадарци.

-Треба уште еднаш да ја разгледаме оваа одлука затоа што сите пожари започнуваат во близина на урбани средини и на ниви, од стрништа или како што веќе реков на територијата на Кавадарци човек кој што ги подметнал. Тие луѓе кои што сакаат да предизвикаат пожар нив нема да ги исплаши оваа забрана за движење. Во разговорот со министерот Тошковски и со директорот на БЈБ наидов на разбирање кај нив. Полицијата ќе даде макимално се од себе во превентивното дејство да имаме засилено движење на полиција, но и репресивно дејство. Мислам дека веќе имаат информации за неколку предизвикувачи на пожари, рече Ангелов во Тема на денот на Сител.

На прашањето дали е лоциран човекот, директорот на ЦУК негира, вели дека се трага по него и дека не се знае неговиот идентитет, но и дека тешко може да се најде.

– Пожарникарите наишле на четири купишта со гранки запалени од нив. Пожарот почнал да се шири. Тие кога го изгаснале ги виделе и огништата кои се намерно направени, рече Ангелов.

Директорот на ЦУК информираше дека во земјава се активни десетина пожари, како и дека попладнево има нови. 

- Реклама -