Ангелов: Нема да има кризна состојба, Македонија добро се справува со пожарите

Нема да има кризна состојба на истокот од државата, соопшти денеска на прес-конференција Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) – Стојанче Ангелов.

Тој информираше дека вчерашниот пожар во Кочани предизвикал само материјална штета која, како што рече, лесно ќе се санира, и посочи дека е горд, како прв човек на институцијата, што во пожарот немало човечки жртви.

Причина за пожарот, истакна тој, најверојатно бил спој на жици на далноводи, а силниот ветар и високите температури придонеле огнот да се шири брзо и да стигне непосредно до последната линија со куќи.

Ангелов, сепак, призна дека државата има ограничени ресурси за справување со волку големи пожари.

„Ние немаме две изгорени куќи во Кочани. Имаме изгорени два покриви од куќи. Имаме изгорено едно трло, во кое овците беа благовремено тргнати. Оние слики кои што ги гледате се од неколку животни. Изгореа и неколку автомобили. Од страна на градоначалникот во текот на денешниот ден ќе биде формирана комисија која ќе ја истражи штетата, ќе направи запсиници и луѓето итно ќе бидат обесштетени“, рече Ангелов.

Директорот на ЦУК ја објаснуваше и употребата на хеликоптери за гаснењето на пожарите. Посочи дека вчера, поради празникот, на располагање бил само еден армиски хеликоптер, додека вториот хеликоптер на АРМ се сервисирал во текот на ноќта за да биде оспособен да лета денеска. Активниот хеликоптер синоќа гаснел оган во Старо Нагоричане. Ангелов истакна и дека хеликоптерите можат да се користат/да летаат и ноќе, но не за гаснење на пожари. Дополнителен проблем, рече тој, била високата температура, која била главната причина хеликоптерите да прегреваат.

„На температури повисоки од 37 целзиусови степени не е безбедно летањето на хеликоптер. Едноставно ги загрозуваме животите на посадата. Дали за задоволување на нечии болни амбиции треба да ги ризикуваме животите на нашите пилоти?“, праша Ангелов, посочувајќи дека прв приоритет е безбедноста на луѓето.

„Нека изгори сѐ, нека бидат живи и здрави луѓето. Вчера никој не загина и никој не беше повреден и тоа е нашиот курс. Дрвајата повторно ќе пораснат“, додаде тој.

Попладнево, на скопскиот аеродром пристигнаа и четири хеликоптери од Србија, за кои претходно Ангелов изјави дека ќе се направи проценка дали ќе бидат потребни.

Извор: Центар.мк

- Реклама -