Андоновски: Балансерот ќе биде валидна алатка сѐ додека не се промени законот или методологијата

Според министерот за дигитална трансформација, сè додека не се промени законот или методологијата за пресметка на балансерот, валидна ќе биде оваа сега веќе законска основа што ја дава алатката

Го поздравувам ангажманот на министерот за јавна администрација Горан Минчев за придржување кон новиот начин на примена на алатката балансер, која сега е законита. Ова денеска го изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски посочувајќи дека сè додека не се промени законот или методологијата, ќе биде важечки новиот начин на примена на балансерот, како и дека на оваа алатка ѝ е вратена законската основа.

„Направиме алатката балансер да ја вратиме на законските основи од пописот од 2021 година на резидентно население, што значи дека со сегашниот балансер само оние што живеат во Македонија се сметаат за вработувани според таа алатка“,

вели тој.

Според него, сè додека не се промени законот или методологијата за пресметка на балансерот, валидна ќе биде оваа сега веќе законска основа што ја дава алатката.

„Само со промена на методологијата веќе можеме да зборуваме за нов начин на почитување на принципот на соодветна и правична застапеност“,

рече министерот.

И денеска темата за балансерот ги разгоре реакциите меѓу коалициските партнери во Владата. На изјавата на министерот за јавна администрација Горан Минчев од редовите на партијата на Максим Димитриевски дека темата за балансерот е завршена, архивирана и дека веќе се спроведува, од коалицијата „Вреди“ реагираа дека застапеноста на Албанците никогаш нема да биде завршено прашање и најмалку ќе зависи од партија како ЗНАМ.

Од „Вреди“ велат дека дневна политика од балансерот прават токму Минчев и Димитриевски, кои мислат дека нивната антиалбанска доктрина ќе ги направи голема партија.

Минатата недела Минчев изјави дека од 120 годишни планови за вработување, 115 се вратени на доработка, поради погрешно впишан процент на етничка задница, т.е. неусогласеност со новиот начин на пресметка на балансерот. Според новиот начин на пресметка на балансерот, предвид се зема само бројот на резидентното население, а не и на нерезидентното население од пописот во 2021.

Министерот Андоновски во јуни најави дека се менуваат бројките во балансерот да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Тогаш посочи дека укинувањето на балансерот ќе оди во фази, но дека за оваа проблематика ќе биде потребна сеопфатна дискусија во рамките на владата, односно, како што рече, да се види кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот, како соодветна и правична застапеност на заедниците.

- Реклама -