Во домовите во Скопје ќе има парно на 15 октомври, вели Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот.
Во прилог на ваквото тврдење, Андонов рече дека за разговорите со Србија за набавка на гас постои оптимизам кај двете страни дека ќе завршат, ќе функционира договорот и оти ќе се обезбедат потребните количини гас за работа на ТЕ-ТО и на топланите.
Вториот аспект, посочи, е дека тие електрани имаат и резервно гориво, односно може да работат и на мазут, што значи дека доколку не се договори опцијата за гас и не се обезбедат доволно средства за набавка на природен гас по берзански цени, постои и резервна варијанта, а тоа е работа на мазут. „Така што, се надеваме дека таа крајна варијанта нема да дојде и ќе ги обезбедиме претходните“, рече Андонов.
Ако не се договорат, дополни, топланите ќе работат на мазут а количините ќе се обезбедат, за што се разговараше со Грција.
Појаснувајќи ја набавката на гас од Србија, тој потсети дека пред десет дена претседателот Александар Вучиќ објави дека се разговара за испорака на гас во Северна Македонија во замена за електрична енергија. Дел од струјата ќе биде вратена назад во Србија, рече Андонов и најави дека точните количини и цени ќе бидат објавени откако ќе биде постигнат договор.
Државата, како што појасни, ќе купи гас од Србија, а потоа ќе се произведе електрична енергија и ќе се продаде на Србија. Ние ќе ја платиме количината на гас, а тие количината на струја. Количината струја што ќе остане ќе биде продадена на индустријата по цени кои ќе бидат прифатливи за нив и кои ќе бидат излезни во зависност од цената на гасот. Топлината ќе се продаде на граѓаните, информираше Андонов.
Тој потсети дека министерот за економија Крешник Бектеши во Турција изминатиот период разговараше за обезбедување дополнителни количини електрична енергија и природен гас, во Грција за постојано снабдување со лигнит и мазут, а во Бугарија за поевтина цена на струјата под берзанската, за потре бните количини за индустријата.
„Кога сите овие разговори ќе се финализираат Владата на најтранспарентен начин ќе ги презентира и пред стопанските комори и пред јавноста“, рече Андонов.
Тој посочи дека сѐ уште се водат разговорите за функционирање на ТЕ-ТО во грејната сезона. До крај на грејната сезона за ТЕ-ТО и за топланите, како што рече, вкупно се потребни околу 230 милиони нормални метри кубни природен гас.
„ТЕ-ТО, комбинираната електрана, троши околу милион нормални метри кубни на ден, односно за 30 дена работа 30 милиони нормални метри кубни на гас. До крајот на грејната сезона топланите во Скопје мислам дека треба да потрошат околу 25 милиони заклучно со април, ЕСМ енергетика мислам дека приближно околу 24 милиони и Скопје Север околу 1 милион. Вкупната бројка е околу 230 милиони нормални метри кубни на природен гас“, рече Андонов.
Сѐ уште, појасни, не е дефинирана цената, но ако се поведеме од податокот дека за индустријата објавија дека за нив е прифатлива цена од 200 евра, имајќи ја во предвид формулата и трошоците за производство на ТЕ-ТО Скопје, на тој начин ќе биде дефинирана цената за природниот гас.
„ТЕ-ТО и во претходната зима работеше 24 часа, одосно во базен режим и се водат разговорите за функционирање на ТЕ-ТО во грејната сеозна, впрочем тоа е единствениот начин како граѓаните на Скопје имаат топлина во текот на зимата. Јас сум сигурен дека ќе биде обебзедено решение пред почнување на грејната сезона“, наведе Андонов.
Според него, доколку не се постигне договор на државната ЕСМ со „Адора“ за топланите, има решение согласно Законот за управување со кризи, а со кој Владата има право да ги стави на располагање сите ресурси на државата, и на јавните претпријатија и на приватните компании, за обезбедување на таа јавна услуга.
Планот за справување со енеретската криза што го претстави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски сѐ уште не го виделе, но како што рече, ќе го разгледаат и тој како и сите други планови и поддршки што ќе бидат понудени.
МИА