Кога не ни е ладно по ќеиф, за пивото ќе речеме дека е „топло како мочка“. Но, една американска компанија ќе прави пиво што и кога е ладно, е мочка – буквално.
Clean Water Services е компанија од Орегон што прави пивка вода од водата од канализација. Имено, преку користење на „високочистечки системи за рециклирање“, тие го преработуваат фецесот, урината и отпадната вода во нешто што е безбедно и океј за пиење.
Неделава, локалните здравствени власти во Орегон и одобрија на компанијата да испрати рециклирана вода од канализација до локалната пивара Oregon Brew Crew, каде што ќе биде претворена во пиво.
Идејата е да им се покаже и докаже на луѓето дека нивната вода е всушност многу чиста, но и вкусна. Здравствените власти ја оценуваат дека „генерално, водата е со многу низок ризик по здравјето“.
Водата, и особено пивото, премиерно ќе се служат на идните бизнис-настани под капата на компанијата. Сакате покани?