„Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив“, се наведува во одговорот на Американската амбасада во земјава доставен до телевизија „Телма“ во врска со барањето на јавната обвинителка Вилма Русковска упатено до странски амбасади и меѓународни организации.
„Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат“, се наведува во одговорот на Амбасадата на САД.
Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, ги повика сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“.
Извор: МИА