Алтернативна сцена во градот непрекинато успева да најде креативни начини да опстане

Маргарита Поповска и Јана Гарванлиева се дел од тимот на Фестивалот на музика и филм „Ѕирни“, кој деновиве се одржува на неколку локации во Скопје. Годинава во склоп на фестивалот, во „Котур“ е поставена и изложбата на млади уметници насловена „Гужва“. Иако ова е прво искуство во делот на поставување изложби за Маргарита, комбинацијата со Јана од галеријата Пионери и визијата на „Ѕирни“, го зборати фестивалот со уште една одлична содржина. Со Маргарита и Јана разговаравме за нивната работа, за изложбата „Гужва“, за алтернативната сцена во градот и за фестивалот „Ѕирни“, за кој велат ги обединува скопјани.

Маргарита Поповска

Трн: Кажете ни нешто повеќе за изложбата „Гужва“ која е дел од годинешнот фестивал „Ѕирни“?

Маргарита: „Гужва“ настана по организациските разговори за тоа што му недостасува на „Ѕирни“, односно што е тоа што не било доволно опфатено во претходните изданија на фестивалот. Па така се сложивме дека тоа би било претставување на дел од нашите млади уметници. Како дел од тимот на „Ѕирни“ и како архитект, го прифатив предизвикот да направам нешто што досега не сум го правела, а тоа е концепт за изложба, селекција на уметници и нивни дела, нивно сврзување во една целина, како и адаптирање на просторот на Котур во „галериски“. Јана, пак, од галеријата Пионери, учествуваше во создавањето на изложбата и ја водеше комуникацијата со уметниците. Инспирација за името „Гужва“ беше кураторскиот текст на Дарко Алексовски кон изложбата „Ноќна шума“ на Доротеј Нешовски, каде делата ги опишува како гужва од фигури во толпа или дрвја во шума. А гужва пак е повеќезначен збор, кој меѓу другото значи и јамка на иглите за плетење, па фигуративно ги поврзува делата на останатите автори – таписериите на Мила Добревска, везовите на Филип Велковски и сложените композиции од вез, исечоци и перфорации на хартија, моливи во боја и Брајово писмо на Ана Спасова. Или поедноставно срочено, гужва од боици, конци, значења, идеи, чувства, луѓе…Изложбата многу нѐ радува сите, нѐ расположува нејзината вибрантност, колоритност, слоевитост и нејзиниот склад со просторот. Најтопло ви препорачувам да ја посетите, ќе биде поставена во Котур до 10 октомври, кога и се затвора шестото издание на Фестивалот на филм и музика Ѕирни. 

Трн: Каков е предизвикот да се работи со млади уметници? Да се селектираат нивните дела и да се долови визијата која ја имаат? 

Јана (галерија Пионери): Вистинско уживање е да се работи со млади, креативни луѓе полни ентузијазам и движечка енергија. Овие творци најчесто ги среќаваме на актуелните изложби, по препорака, преку социјални мрежи, а неретко и самите ни ги испраќаат своите дела и портфолија. Делата кои оставаат најголем впечаток и носат нов израз се оние кои влегуваат во потесен избор. Во согласност со новите техники и трендови на творење се одбираат оние дела или уметници кај кои лесно се огледува талентот, иновативноста и чувството за боја. 

Трн: Сметате ли дека има доволно простор и сцена во Скопје каде можат да се претстават младите уметници и таа некоја алтернативна сцена која постои? 

Јана (галерија Пионери): Скопје нуди голем број сцени на кои секој поединец може да се претстави. Места кои би ги издвоиле се: МКЦ, Лабoраториум, Пионери, Котур, Паблик Рум  како и Музеј на Град Скопје, МСУ, и други. Скопје и Балканот отсекогаш имаат алтернативна сцена која е карактеристична само за овие простори, како резултат на уникатна симбиоза на историски настани, културни вредности и животен стандард, која ги прави овие уметници посебни и единствени во нивниот начин на изразување. Она на коешто сега треба да работиме и да го негуваме е препознавањето на вредноста на младите уметници кои допрва ќе им служат за пример на идните генерации.

Трн: Фестивалот „Ѕирни“ прави спој на филм, театар, музика, изложби…Колку ваквите настани им се потребни  на Скопјани, но и на уметниците во денешно време? 

Маргарита: Фестивалот „Ѕирни“ од година в година станува сѐ посериозен, со исклучително квалитетна програма од сите уметности. „Ѕирни“ е фестивал на пријатели, но и професионалци, фестивал кој ги обединува скопјани, независно дали се учесници, публика или луѓе во организација. Вчерашниот концерт на Плочник е всушност најсликовитиот приказ за тоа колку овој фестивал му е потребен на градот. „Ѕирни“ е олицетворение на шестгодишното работење на Кафе и филм Котур, низ кое се создаде цела една заедница, која постојано расте и е генерациски разновидна, што е исклучително важно. Заедница која сака, бара и поддржува квалитетни настани, кои Котур ќе продолжи да ги создава.  

Јана Гавранлиева

Трн: Се чини дека алтернативната културна сцена кај нас, во споредба со европските па и соседни градови, се бори за да опстои кај нас во изминатиов период. Сметате ли дека доволно се инвестира во таа сцена: во однос на простор, на стимулација на уметниците и генерално во тоа таа да се одржи?

Јана (галерија Пионери): Нашата алтернативна сцена непрекинато успева да најде креативни начини да опстане, а поради недостигот на буџет создава сирова (raw) сцена, карактеристична само за овие простори. На тој начин уметниците од Балканот стануваат препознатливи и интересни за европскиот пазар.  

Трн: Кои се вашите следни проекти? 

Јана (галерија Пионери): На почеток нa ноември добивме покана да го посетиме Artissima, еден од највисоко рангираните кураторски саеми на уметност во светот. Истовремено во Торино, на саемот за уметници во подем “Paratissima” ќе учествува Мила Добревска, исклучително талентирана и успешна мултидисциплинарна уметница, која е дел од изложбата „Гужва“. Нашата цел е да помогнеме во што поголема промоција на нејзините дела, остварување на нови контакти со цел вмрежување во пошироки уметнички кругови.Во декември ќе ја претставиме изложбата на Вук Петрушевски, 9-годишен талентиран уметник кој твори од својата најрана возраст. Тој и денес создава дела кои вистинските познавачи на експресивната уметност би ги закачиле на ѕид, а допрва со нетрпение ги очекуваме неговите позрели фази. Во овој период треба да ја поставиме и перформативната инсталација на концептуалната уметница на перформансот, Јулија Кастелучи, под наслов радикална емпатија „Не брини“.  

.  

- Реклама -