Ставот на Бугарија околу блокирањето на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на земјава со ЕУ останува непроменет, одговориле од бугарското МНР за „Алсат“:
„Ја инициравме Заедничката декларација на премиерите во 1999 година и Договорот за добрососедство во 2017 година. Овој договор го отвори патот за преспанскиот договор, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. За жал, спроведувањето на овој договор не е задоволително во ниту една област. Работевме напорно за да го вратиме проширувањето на агендата на ЕУ. Националната позиција на Бугарија за европската интеграција на Северна Македонија и Албанија е јасно дефинирана во Рамковната позиција, одобрена од Националното собрание“, категорично стои во одговорот.
Како што потсети и „Алсат“, рамковната позиција на Бугарија е дека Северна Македонија е само политички етникум, дека не смее да се користи терминот „фашистичка окупаторска Бугарија“, дека мора да се постигне договор за Гоце Делчев, и дека македонскиот е „Службен јазик на Северна Македонија“, односно дека терминот „македонски“ треба да биде означен со фуснота што ќе означува дијалект на бугарскиот.