„Алкалоид“ со инвестиции во износ од над 524 милиони денари, со 121 нови вработувања во земјата и со консолидирани продажби во износ од 6,27 милијарди денари во периодот јануари-јуни 2021 г.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2021 година, продажбите достигнуваат 4.788.760.106 денари, што е за 1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.272.411.971 денари, што е за 3% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7% додека, вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 1%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Русија и другите земји од ЗНД (раст од 28%) и во земјите од Југоисточна Европа (раст од 3%).
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 20%, антибиотиците со 18%, кардиолошките препарати со 15%, невролошките препарати заземаат 14% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3%, козметиката со 7%, а билкарството учествува со 2%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2021 година, изнесуваат 524.113.924 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.065.699.771 денари, бележи зголемување од околу 13%, додека единечната нето-добивка изнесува 588.962.195 денари и е зголемена за 12%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.110.263.703 денари и бележи раст од 13%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 583.524.249 денари е зголемена за 14%.
При извршувањето на оперативните активности, АЛКАЛОИД ангажираше 1.055 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари-јуни 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 121 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.479 вработени, од кои 1.909 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 16.500,00 денари или просечно 14.738,30 денари за една акција, што претставува раст од 23,3% во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. На 30.06.2021 година акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.054 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 22,2 милијарди денари.
Бизнис-план за 2021 година
Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.